Македонија
20. October 2016 - 13:55

Денови на меѓуетничка интеграција во Куманово

Завршен настан по повод Денови на меѓуетничка интеграција се одржа денеска во кумановското основно училиште „Бајрам Шабани“ на кое ученици од повеќе училишта од Куманово,пред присутни преставници од општината, наставниците и родителите презентираа различни активности кои се дел од проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција.
 
Учениците од различни основни училишта покажаа како работат заеднички, промовирајќи мултикултрурализам и денови на меѓуетничка интеграција во Куманово.
 
На манифестацијата присуствуваа и претставници на двете модел училишта „Бајрам Шабани“ и „Браќа Миладиновци“ кои изминативе четири години дејствуваа заедно, а минатиот месец ги реплицираа своите искуства и во тринаесет основни училишта во Куманово.
 
-Четири години интензивно се работеше преку проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во насока на сплотување на сите заедници на ниво на цела земја, меѓу другото и во општина Куманово. Две модел училишта соработуваа, а сите останати имаа партнерски училишта со кои реализираа активности, изјави Сафет Балажи, координатор на третата компонента од проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција.
 
Директорите на двете модел училишта „Бајрам Шабани“ и „Браќа Миладиновци“, Гзим Рушити и Марина Манојловска изразија задоволство од досегашната соработка и информираа дека двете училишта се одличен пример кои подрзабираат и развиваат позитивен амбиент на соработка и почитување на разликите. Тие најавија дека ќе продолжат да соработуваат и во иднина и ќе обучуваат нови генерации во духот на мултикултурализмот и еднаква интеграција на сите заедници во Македонија.
 
Градоначалникот на општина Куманово, Зоран Дамјановски истакна дека локалната самоуправа го поддржува овој проект и дека меѓуетничката интеграција е потреба на општеството, особено во мултиетничка заедница каква што е Куманово.
 
- Изминативе четири години преку заеднички екскурзии, работилници се премостуваат разликите меѓу етничките заедници и меѓу различните култури, рече Дамјановски.
 
На ниво на Македонија, преку проектот на УСАИД склучени се 395 партнерства и спроведени се над 1.500 заеднички ученички активности со кои е воспоставена интеракција меѓу наставници и ученици од различни наставни јазици.Повеќе од 4.200 ученици биле дел од работилници, креативни катчиња, дебатни клубови и јавни дебати организирани во етнички мешани групи. До денес реновирани се 63 училишта.