Македонија
23. October 2017 - 17:35

Денот на револуционерната борба одбележан со положување цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев

23 октомври е најзначајниот датум во македонската историја и тоа треба така да остане, смета 93 годишниот Трајко Стаматовски кој учествувал во Народно ослободителната борба. Вели дека успехот на државата зависи од единството на народот и политичкиот морал. Стаматовски заедно со своите другари соборци, денеска положија свежо цвеќе пред споменикот на македонскиот национален херој и водач на револуционерното движење за ослободување, Гоце Делчев.

- Ние сме свесни дека доаѓаме од минатото и остануваме во минатото така што мислам дека сојузот на борците од НОБ како најсветол датум во историјата на македонскиот народ ќе остане секогаш на браникот на слободна Македонија, вели Трајко Стаматовски, учесник во НОБ.

Пред споменикот на Делчев во градскиот парк во Скопје, цвеќе положија пратеници во Собранието, делегации од кабинетот на претседателот и армијата, дипломатскиот кор. Владината делегација ја предводеше министерот за култура Роберт Алаѓозовски.

- На сите граѓани на Р. Македонија им го честитаме денот на Македонската револуционерна борба. Ние го одбележуваме достоинствено како што доликува пред споменикот на симболот на таа Македонска револуционерна борба – Гоце Делчев, изјави Роберт Алаѓозовски, Министер за култура.

Честитка до граѓаните упати и шефот на државата Ѓорѓе Иванов кој го истакна денешниот празник како симбол на долговековниот непокор на македонскиот народ за автономија.

- Пламенот што го разгореа револуционерите го презедоа илинденците, борците во Народно ослободителната и антифашистичка борба и АСНОМ-ците кои го остварија стремежот за слободна македонска држава. Без 23 октомври 1893-та, не ќе беа можни ниту трите светли Илиндени.  

Честитка по повод 124 годишнината од формирањето на Внатрешната македонска револуционерна организација испрати и Владата во која пишува:   

- Владата на Република Македонија им го честита на граѓаните празникот „Ден на македонската револуционерна борба – 23 октомври“, кој обврзува заеднички да креираме услови за стабилност и за подобар живот во нашата држава.

Пред 124 години се поставени темелите на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација.. На 23 октомври 1893 година во куќата на Иван Хаџи Николов во Солун, Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Антон Димитров и Христо Ботанџиев бил формиран Македонскиот револуционерен комитет од кој подоцна произлегува Внатрешно Македонската Револуционерна Организација со единствена цел за ослободување на Македонија со сопствени сили без помош од надвор.

Со ова почнува организираното македонско револуционерно движење кое преку Илинден 1903 и Народно ослободителната војна, резултира со создавање самостојна македонска држава.

Во тоа свој придонес има и 93 годишниот Трајко Стаматовски кој денеска се поклони пред споменикот на македонскиот револуционер.