Македонија
21. March 2017 - 8:17

Денеска се слави светецот кој се грижеше за бедните и болните

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 8 март.

Денеска е Преподобен Теофилакт Никомидиски.

Овој добродетелен маж живееше кон крајот на осмиот и почетокот на деветтиот век во Византија. Прво беше монах во еден манастир близу Црното Море, а по Седмиот вселенски собор на кој беше осудена ереста на иконокластите беше избран за епископ на Никомидија. Свети Теофилакт многу се грижеше околу за бедните и болните, што им ги преврзуваше раните. Кога иконоборството се врати на историската сцена со силен замав во времето на Лав Ерменецот, Теофилакт со други православни епископи беше испратен во заточеништво, каде помина цели 30 години и се упокои во длабока старост.

Кога првиот царски советник Тарасиј од мирјанин беше избран за патријарх Цариградски, тогаш заедно со него примија монашки чин многумина од неговите пријатели и приврзаници од световниот сталеж. Меѓу нив беше и овој Теофилакт. Тарасиј го испрати за епископ во Никомидија. Како епископ Теофилакт му беше добар пастир на словесното стадо и се покажа необично преисполнет со милосрдие кон неволните и кон бедните. По смртта на Св. Тарасиј патријаршискиот престол во Цариград го зазеде некој Никифор, а малку подоцна Лав Ерменин седна на царскиот престол. Овој цар беше иконоборец и како таков покрена цела бура во Црквата Христова. Иако иконоборната ерес беше проколната на Седмиот Вселенски Собор, овој цар сепак ја воспостави и сакаше со неа да го замени Православието. Св. Теофилакт в лице му се спротивстави на царот, па кога царот не попушти, Теофилакт му рече: „На тебе цару ненадејно ќе дојде лута погибел и од неа не ќе можеш да се избавиш ниту да побегнеш“. За овие зборови Св. Теофилакт беше тргнат од епископската столица и испратен во ропство, каде помина триесет години трпејќи многу маки и понижувања и најпосле Му ја предаде својата света душа на Господ околу 845 година.