Македонија
26. January 2017 - 13:13

Денеска се слават Светите маченици Ермил и Стратоник

Светите маченици Ермил и Стратоник

Царот Ликиниј покрена луто гонење на христијаните. Св. Ермил, христијанин и ѓакон при една црква, го фатија и го изведоа на суд. Кога му кажаа дека го водат на мачење, тој многу се израдува. Залудно му се закануваше царот, Ермил слободно ја исповеда својата вера во Христа и на заканите му одговори: „Господ ми е помошник, од кого да се бојам, што може да ми направи човек?“ (Пс. 117, 6). После тешки мачења Ермил го фрлија во затвор. А чувар му беше Стратоник, потаен христијанин, којшто со сето срце сострадуваше со Ермил. Кога и Стратоник му го доставија на царот како христијанин, царот пресуди обајцата да се потопат во Дунав. После три дена нивните тела водата ги исфрли на брегот и христијаните ги најдоа и ги погребаа на осумнаесет стадиони далечина од Белград. Овие славни маченици пострадаа за Христа и се прославија во 315 година.

Свети Јаков, епископ Нисибиски

Живееше како отшелник во лето на отворено поле, а зимно време во пештера. Еднаш слезе во градот Нисибија за да види како успева верата христијанска и како живеат христијаните. Но тука го избраа за епископ. Учествуваше на Првиот Вселенски Собор и го заштитуваше Православието од Ариевата ерес. Се случи еднаш незнабожните Персијанци со војска ја нападнаа Нисибија. Свети Јаков излезе со литија на градските бедеми и самиот се искачи на бедемот и шеташе по него не плашејќи се од непријателските стрели што беа управени на него. Шетајќи така светителот Го молеше Бога да го сочува градот и верните во него така што ќе испрати муви и комарци врз Персијанците за да ги изгонат од нисибиските бедеми. Не бараше смрт на непријателите ниту друга погибел или пораз, туку една малечка здодевност што би ги истерала оттаму. И Бог ја услиши молитвата на Својот угодник и испрати многу муви и комарци врз Персијанците, та нив ги изгони, а градот Нисибија го спаси. Свети Јаков поживеа долго и чесно, а во длабоката старост се упокои мирно, во 350 година.

Преподобен Максим Капсокаливит

Во 14 век се подвизуваше како монах на Света Гора на особен начин. Имено, се правеше по малку јуродив и постојано го менуваше престојувалиштето. А престојувалиште му беше колиба од гранки. Една по друга колиба тој ги подигаше и ги палеше, заради што и е наречен Капсокаливит, што значи Паликолиба. Го сметаа за луд с ѐ додека на Света Гора не дојде Св. Григориј Синајски, којшто во Максим откри единствен подвижник, чудотворен молитвеник и „ангел во тело“. Се престави кај Господ во 1320 година.