Македонија
29. September 2017 - 8:27

Денеска се празнува светицата која чудесно поминуваше низ сите мачења

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 16 септември.

Денеска е Св. великомаченичка Ефимија.

Света Ефимија беше родум од Халкидон. Родителите и беа христијани, а татко и покрај тоа беше сенатор. Во времето кога Ефимија веќе беше пораснала во прекрасна девојка и по дух и по тело, антипатот Приск одреди обилно жртвопринесување во Халкидон. Четириесет и девет христијани, меѓу кои и Ефимија, се засолнија од градот, зашто не сакаа да учествуваат во овој бесмислен колеж.

Меѓутоа, војниците ги пронајдоа и ги доведоа пред антипатот. А овој цели 19 дена смислуваше и спроведуваше најразлични мачења врз нив. Дваесеттиот ден беше изведена пред него и свети Ефимија. Приск се обиде најпрвин да ја придобие со ласкање, но кога тоа не му успеа, ја предаде на мачење.

На примерот на св. Ефимија се исполнија Христовите зборови: на змии ќе газите и ќе останувате неповредени, бидејќи таа чудесно поминуваше низ сите мачења. Најпосле ја фрлија на ѕверовите и тука свети Ефимија го предаде духот на Бога. Чесно пострада за Христа во 304 година.