Македонија
17. February 2016 - 19:28

Денешен: Што бараат високи функционери од амбасадата на САД во ОСС1

Извори од судот тврдат дека во просториите на Основен 1 биле забележани двајца дипломати од американската амбасада и еден македонски државјанин кој пристигнал заедно со нив, пишува Денешен.

Претседателот на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски, во вчерашната изјава за медиумите рече дека по спектакуларната прес-конференција на СЈО примил неколку луѓе кај него, меѓу кои и претставници на странски делегации, додавајќи дека не знае нивното место што било таму, односно тие треба да одговорат подетално околу тоа прашње.

-Значи по една таква спектакуларна прес конференција на Специјалното обвинителство, можам да кажам и дека дента примив неколку луѓе кај мене, беа и претставници на странски делегации на Република Македонија. Исто така беше и еден јавен обвинител кој што постапуваше по предметот уште пред да биде поднесен во судот. Така да мислам дека моето место беше таму кај што бев. А, не знам нивното место што било таму, така да нив ќе ги прашате за тоа подетално, рече Панчевски.

Според сознанија до кои дојде ДЕНЕШЕН, автомобил со дипломатски таблички бил забележан во близина на судот откако градоначалникот на општина Пустец Едмонд Темелко бил донесен на сослушување во Основниот суд Скопје 1.

Извори од судот тврдат дека во просториите на Основен 1 биле забележани двајца дипломати од американската амбасада и еден македонски државјанин кој пристигнал заедно со нив. Дознаваме дека едниот од дипломатите е токму политичкиот советник на актуелниот американски амбасадор, но дополнително ги проверуваме информациите кои се останатите лица.

Засега не успеавме да дознаеме која била целта на посетата на луѓето од американската амбасада со оглед на тоа што не е секојдневна практика некоја амбасада да се појавува во суд додека таму се постапува по чувствителни предмети како што беше барањето за притвор на единствениот македонски градоначалник надвор од земјава.