Македонија
20. February 2018 - 16:22

Ден пред средбата со Заев, Меркел ги дозна позициите од Ципрас

Дали германската канцеларка Ангела Меркел е дипломатскиот булдожер, што се спомнуваше, кој би дал нов елан за успешно завршување на преговорите за името?
 
Спроти утрешната средба на pремиерот Заев со канцеларката Меркел во Берлин, грчките медиуми пишуваат дека не е тајна, оти Германија недвосмислено спаѓа во групата моќни западни земји кои не само што сакаат решение, туку и силно притискаат за истото.
 
Во тој правец оди и денешниот телефонски разговор на Меркел со грчкиот премиер Ципрас во кој една од темите била и прашањето за името
 
„Двајцата лидери разговараа за текот на разговорите за прашањето за името на ПЈРМ‘‘, е наведено во краткото соопштение, според кое другите теми биле односите со Турција.
 
 Според грчката телевизија Скај, Ципрас на Меркел и ја потенцирал потребата за конечно решение во спорот, со промена на уставното име на соседната земја и двајцата премиери договориле средба во петок во Брисел на неформалниот состанок на лидерите на ЕУ.
 
Во меѓувреме интервјуто на Премиерот Заев за австриското радио ОРФ, во кое тврди дека идентитетот воопшто не е дел од преговорите, во грчките медиуми се оценува како ,,Бомба од Заев‘‘ и ,,Заев открива‘‘.
 
Премиерот, освен очекувањата за успешно завршување на преговорите до Самитот на Алијансата во јули, за ОРФ зборуваше и за идентитетот, односно дека тој не може да се смени, ни со гласање во Собранието, ниту со референдум.
 
,,Мене ми е драго што нема во седумте точки тема идентитет. Тоа е тоа!‘‘, изјави Заев
 
Грчка ,,Та Неа‘‘ оценува дека ако Грција, навистина не го покренува прашањето со државјанството, тогаш веројатно преговорите се понапреднати од тоа што се проценуваше и имаат за цел изнаоѓање заемно прифатливо име, најверојатно „Горна Македонија“.
 
Дали преговорите навистина напреднале со повлекување на Атина од црвените линии, апсолутно неприфатливи за Македонија е прашањето што го поставуваат медиумите, повикувајќи се на претходните изјави на Коѕијас и на Заев, посебно за 4-те прашања што се се уште отворени.
 
,,Односно, како ќе се користи името. Ние сме и за внатрешна и за надворешна употреба, и во меѓународните односи и во билатералните односи. Значи, има име и тоа се користи, но доаѓаат и изведенките. Идентитетот, единството, јазикот‘‘, изјави Коѕијас за грчка Алфа.
 
,,Секако суштинските позиции се многу значајни Името, уставот дали ќе се менува или не, јазикот и други работи кои што таму се спомнуваат‘‘, изјави Заев.
 
Во однос на барањата на Атина за промена на Уставот, се наведува дека според последните информации, проценките се дека „Гордиевиот јазол би можел да се пресече со меѓународна спогодба, ратификувана од Советот за безбедност на ОН, која од моментот кога ќе се потпише, на ниво на меѓународен правен поредок, ја надминува силата на уставниот поредок на било која земја, пишуваат медиумите.