Свет
25. July 2017 - 12:35

Демонстранти во јужна Франција подигнаа ѕид против мигрантите

Поголема група демонстранти во јужниот француски град Семек, подигнаа ѕид околу влезот на еден поранешен локален хотел, со цел да спречат тој да биде претворен во привремено сместувалиште за мигранти.

Ѕидот е долг 18 метри, а висок 1,8 метри и граѓаните го изградиле, работејќи навечер и во доцните вечерни часови.

Семек е град со околу 5.500 жители, кој се наоѓа во реонот под Пиринеите, во југозападна Франција.

Локалните жители се гневни на општинските власти затоа што не ги консултирале за својата одлука, во поранешниот хотел да бидат сместени 85 мигранти.

Засега нема реакција од локалните власти, а не интервенирала ниту полицијата за да го спречи градењето на илеглниот ѕид.

- Ние не сме против мигрантите, но мора да се води сметка и за жителите. Ние мислиме дека нашиот град не може да се справи со нови жители, изјави претставник на групата демонстранти.

Напуштениот хотел е еден од десетици други низ Франција, што државата ги купи за да ги претвори во центри за мигрантите, кои сега во поголемиот дел спијат по улиците.

Во 2015 година, Франција им додели азил за 20.600 бегалци.