Балкан
21. January 2016 - 9:28

Демонстранти упаднаа во молдавскиот Парламент - бараат оставка на штотуку избраната Влада

Стотици демонстранти синоќа го пробија полицискиот кордон и упаднаа во молдавскиот Парламент во Кишењев, откако пратениците ја изгласаа новата проевропска Влада, ставајќи точка на повеќемесечниот политички ќорсокак во земјата, пренесоа американските медиуми. 

Во турканиците пред Парламентот шестмина полицајци се здобија со повреди.

Според ТАСС, во судирите настрадале 10 лица, кои добиле итна медицинска помош во градската болница, од кои седуммина биле полицајци,а тројца демонстранти. Веста е потврдена и од болницата.

Меѓу настраданите е и еден од лидерите на Граѓанската платформа ДА (Достоинство и вистина), поранешниот прес секретар на молдавското МВР, Кирил Моцпан, кој има расцепена глава. Демонтрантите кои инсистираат на предвремени избори, тој синоќа ги повика да ја напуштат зградата на Парламента.

Повеќето од повредите кај настраданите настанале како резултат на настанатата турканица.

Лидерите на опозициските леви сили во земјата, Партијата на социјалистите и „Нашата партија“, исто така, ги повикаа демонстрантите да го напуштат Парламентот и да се преместат на плоштадот пред него. Тие ја соопштија и својата намера утре на улиците на Кишењев да извадат десетици илјади лица со барање оставка на владеачката проевропска коалиција, која со земјата владее веќе шест години, обвинувајќи ја за корупција и некомпетентност.

Лидерите на двете партии, Игор Додон и Ренато Усатиј, исто така информираа дека претседателот на Парламентот, Андриан Канду, за утре изутрина ги поканил на преговори организаторите на протестот. Додон изјави дека засега нема одлучено дали ќе оди на овие преговори.

-Ние нема за што да разговараме. Имаме единствено барање - оставка на денеска избраната Влада и распуштање на Парламентот, изјави лидерот на социјалистите во земјата, цитиран од ТАСС.

Денеска избраниот владин кабинет го предводи демократот Павел Филип, компромисниот кандидат за премиер, кој беше предложен во петокот. Во претходната Влада тој беше министер за комуникации и информациски технологии.

Новата молдависка Влада ја доби поддршката од 57 пратеници во 101-члениот Парламент, посочува ТАСС.

Итното формирање и гласањето за новиот владијн кабинет се оправдува со неопходноста земјата да се извади од политичката криза. Опозицијата, меѓутоа, активностите на пратениците ги нараче „узурпација на власта“. Опозициските лидери Молдавија ја прогласија за „земја во која владее олигархијата“.