Свет
5. јуни 2016 - 9:43

Делумни локални избори во Италија

Над 15 милиони Италијанци денеска треба да гласаат за избор на органите на власта во над 1.300 општини во Италија.

Гласањето на околу 16.000 гласачки места започна во 7 часот и ќе трае до вечер до 21 часот.

Овие делумни локални избори се сметаат за важен тест за левоцентристичката Влада на премиерот Матео Ренци, но и за поделената десничарска опозиција. 

Најголемо внимание на јавноста предизвикуваат изборите за градоначалници на Рим, Милано, Торино, Неапол и Болоња. 

Во Рим трката за градоначалник се води меѓу четворица кандидати, од кои според анкетите, најголема популарност, од 30 проценти, ужива 37-годишната Вирџинија Раѓи од популистичкото опозициско Движење 5 Ѕвезди на комичарот Бепе Грило. Нејзин главен противкандидат е Роберто Џакети од владејачката левоцентристичка Демократска партија на Ренци. 

Во Неапол се очекува победа на актуелниот градоначалник Лујџи де Маџистирис, кој настапува како независен кандидат, поддржан од левицата.

Во Торино и Болоња пак се очекува реизбор на актуелните градоначалници Пјеро Фасино и Вирџинио Мерола, кои се едни од најистакнатите претставници на Демократската партија.

Најнеизвесна борба се очекува во Милано, каде анкетите покажуваат изденачени шанси за Џузепе Сала од Демократската партија и Стефано Паризи од конзервативната партија Форца Италија на поранешниот премиер Силвио Берлускони.

Денешните локани избори се одржуваат четири месеци пред референдумот на кој Италијанците треба да се изјаснат за промена на Уставот на земјата. Редовниот термин за парламентарни избори во Италија е мај 2018 година.