Свет
24. January 2017 - 17:43

Делегацијата на Дамаск ги смета за успешни преговорите во Астана

Главна цел на преговорите за Сирија во Астана беше поддршка на примирјето и постојат конкретни резултати во таа насока во тристраното соопштение на Русија, Иран и Турција, што е поддржано и од останатите учесници во разговорите, истакна шефот на сириската владина делегација Башар Џафари.

Тој смета дека преговорите во Астана се успешни.

Џафари, кој е постојан претставник на Сирија во ОН, изјави дека Дамаск не би прифатил евентуална еднострана одлука за федерализација на Сирија. Тој нагласи дека такво решение треба да се донесе по демократски пат од сирискиот народ, а не од одделни групи во земјата.

Џафари изрази увереност дека механизмот за набљудување на прекин на огнот во Сирија ќе се реализира.

Шефот на сириската опозициска делегација во преговорите Мохамед Алуш изјави дека има резерви во однос на соопштението од разговорите, објавено од Русија, Иран и Турција. Тој истакна дека сириската опозиција дала предлог во однос на прекин на огнот и се надева дека Русија за една недела ќе одговори на тоа барање. Алуш ја поддржа намерата на политичкото решение на кризата во Сирија, чија цел е соборување од власт на претседателот Башар ал Асад.

Специјалниот пратеник на ОН за Сирија, Стефан де Мистура истакна дека механизмот за набљудување на прекин на огнот во Сирија ќе работи од главниот град на Казахстан, потврдувајќи дека политичкиот процес за Сирија ќе продолжи во Женева.