Балкан
24. March 2016 - 21:00

Дел Понте: Aпсењето на Артман е неприфатливо

Поранешната главна обвинителка на Хашкиот трибунал Карла дел Понте изјави дека денешното апсење на поранешната портпаролка на Трибуналот, Флоренс Артман е неприфатливо.

- Не можам да разберам што се прави на ваков важен ден, кога се соопшти пресудата за Радован Караџиќ, изјави дел Понте, која сега е член на Советот на Обединети нации за човекови права и на Комисијата за истрага за Сирија.

Артман е уапсена денеска пред Трибуналот, каде пристигнала за да го следи изрекувањето на пресудата на лидерот на босанските Срби, Радован Караџиќ. Таа е уапсена поради прекршување на забрана за пристап до Трибуналот. 

Во 2009 година Артман беше осудена на казна од 7.000 евра за непочитување на судот бидејќи во книгата „Мир и казна“ и статијата „Скриени клучни докази за геноцид“ открила доверливи судски информации. Артман одби да ја плати глобата и казната се трансформира во седум дена затвор.