Свет
24. November 2015 - 17:51

„Дејли Телеграф“: Туркменските бунтовници војуваат заедно со силите на Ал Нусра

Туркменските бунтовници во Сирија, кои тврдат дека ги ликвидирале двајцата руски пилоти, кои по катапултирањето на погодениот авион Су-24 се спуштиле со падобрани на дел од сириската територија под нивна контрола, главно се лоцирани во реонот покрај турската граница и во Латакија, на крајниот северозапад од Сирија, пишува лондонски „Дејли Телеграф“.

Во тој реон на Сирија живее и мнозинството од припадниците на туркменската заедница, за кои весникот вели дека се етнички и лингвистички идентични со Турците.

Во Сирија тие одамна живеат со Арапите, кои се мнозинство, и со Курдите, но од избувнувањето на судирите меѓу сириската армија и вооружената бунтовничка опозиција, Туркмените застанаа на страната на бунтовниците, особено што станува збор за сунитско население, како што се и Турците и затоа што силите лојални на претседателот Башар ел Асад на тоа подрачје ги предводат шиитски паравоени групи.

Туркменската заедница го обвинува „режимот на Асад“ за асимилација и за арабизација, додека властите во Дамаск на Туркмените од секогаш гледаат како на „петта колона на Анкара во Сирија“.

Лондонскиот весник тврди дека постојат 12 вооружени групи на туркменската заедница, меѓу кои некои се создадени со “силна подршка на Турција“.

Една од овие групи, Алвија ал Асхар, која сега тврди дека ги ликвидирала руските пилоти, е поврзана со фронтот Ал Нусра, кој важи за органок на Ал Каеда во Сирија. Алвија ал Асхар дејствува во реонот на Латакија и непосредно покрај турско-сириската граница.

„Дејли Телеграф“ тврди дека групата е поврзана и со турските разузнавачки агенции, од кои преку подземни тунели ископани покрај граничната линија, добива оружје и муниција за нејзиното дејствување.