Свет
27. јуни 2017 - 16:00

„Дејли телеграф“: ДУП од Владата ќе бара уште пари за „својата верност“

Северноирската Демократска унионистичка партија (ДУП) нема да се задоволи со договорената една милијарда фунти, екстра пари, за Северна Ирска, како надокнада за поддршката на малциската Влада на премиерката Тереза Меј, објави проконзервативниот „Дејли телеграф“.

Весникот забележува дека ДУП уште пред истекот на првите две години, од мандатот на британската Влада, ќе бара уште пари за да ја продолжи „својата верност“ кон Владата во Лондон и посебно кон Меј.

По две недели преговори, вчера беше обелоденето дека британската влада и ДУП се спогодиле околу „конструктивната поддршка“ што десетмината пратеници на малата партија од Белфаст ќе и ја даваат на Меј за да таа остане на функцијата, а Велика Британија не се соочи со нови избори, кои конзервативците не ги сакаат.

Договорот не е коалиција, што значи дека никој од ДУП нема да биде дел од Владата или од владината администрација, но пратениците на оваа партија ќе мора да гласаат за Владата, за говорот на кралицата, за Брегзит, за буџетите и за прашања од националната безбедност.

Со договорот, пратениците на ДУП се обврзани да гласаат за владата секогаш кога таа ќе се најде во ситуација да се гласа за нејзината доверба.

Такви ситуации може лесно да се случат зашто во Парламентот никој нема мнозинство за да формира влада, а конзервативците се соочени со ситуацијата - никој друг (освен ДУП) да не им дава поддршка или да не сака да застане зад нив во Долниот дом.

Медиумите во Лондон кои главно се против договорот, обвинувајќи ја Меј дека „купила поддршка“ за да остане на власт следните две години, предупредуваат дека токму можноста да се гласа за доверба на владата во Лондон, ке биде моментот кога ДУП ке бара уште повеќе пари.

„Фајненшл тајмс“ пишува дека Тереза Меј е „уценет премиер“, а пролабуристичкиот „Дејли мирор“ дека станува збор за „срамен договор“, но медиумите се согласуваат дека станува збор за опција која овозможува одржување на стабилноста до завршувањето на преговорите за Брегзит.

Договорот со ДУП е осудуван во Шкотска и Велс, зашто екстра парите за Северна Ирска ќе ги осиромашат фондовите за другите делови на Велика Британија. 

Против договорот се републиканците од Шин Феин и Владата во Даблин, затоа што сметаат дека претставува повреда на мировниот договор од Велики петок во 1998 година, но против договорот на Меј со ДУП се и многу ториевци и гласачи на конзервативците во Англија.Тие сметаат дека со државни пари, Меј „ја купила премиерската функција“.