Свет
28. October 2017 - 15:46

„Дејли експрес“: Финска би можела да ја признае независноста на Каталонија

Финска би можела да биде првата земја која официјално ќе ја признае Каталонија како република, а таквиот потег на скандинавската држава би значел директно спротивставување на ЕУ, пишува лондонскиот весник „Дејли експерс“.

Пратеникот од Лапонија, Мико Карна, најави дека на финскиот Парламент ќе му поднесе предлог за признавање на новосоздадената држава.

Карна, кој е од редовите на владејачката Партија на центарот на финскиот премиер Јуха Сипила, и честиташе на Каталонија веднаш откако регионалниот парламент вчера изгласа отцепување од Шпанија.

Доколку Финска официјално ја признае Каталонија како нова држава, тоа ќе претставува уште еден удар за ЕУ, која силно ја поддржува единствена Шпанија, наведува весникот.

Истовремено, претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер предупреди дека се појавуваат „пукнатини“ во рамки на ЕУ поради потресот во Каталонија, кои доведуваат до поделби во Унијата.

Шкотската Влада, исто така, изрази поддршка, нагласувајќи дека Каталонија „мора да има“ право да ја одреди сопствената иднина. Таа соопшти дека „го почитува и разбира“ ставот на каталонската влада, а упати критика до Мадрид поради „отфрлање на дијалогот“.