Македонија
10. February 2016 - 16:44

Децата од домот „11 Октомври“ добија ботаничка градина

Домот за деца без родители „11 Октомври“ во Скопје денеска доби донација ботаничка градина од Охридска банка, Сосиете женерал. 

За растенијата во новоизградената ботаничка градина во рамките на Домот ќе се грижат 64 деца кои ќе имаат можност да учат и да истражуваат.  Градината е со површина од 40 м2, а нејзината изградба започна во декември 2015. Ботаничката градина во Домот е прва од ваков тип и претставува вистинска зелена оаза сред градскиот асфалт.

Средствата наменети за новогодишни подароци за корпоративни клиенти, годинава, Банката ги пренамени во хумана цел и во координација со раководните лица на Домот и согледувајќи ги потребите на институцијата, Охридска банка, Сосиете женерал одлучи да ја поддржи изградбата на стаклена градина. 

-  Нашите деца сега ќе имаат можност да се запознаваат со градинарството и хортикултурата, а воедно и со биологијата. Ќе научат како од семе се создава здрава храна што потоа тие самите ќе ја конзумираат. Оваа хуманост нека биде поттик и за другите организации да бидат општествено одговорни и да помагаат за подобар раст и развој на овие дечиња,, изјави Ристенка Атанасова, директор на Домот за деца без родители ЈУДД „11 Октомври“.

Директорката на секторот за корпоративно и инвестициско банкарство на Охридска банка, сосиете женерал Нина Неданоска изрази уверување дека овој простор со своите содржини ќе придонесе кон подигнување на нивото на интерес кај децата за природните науки и ќе ја поттикне нивната љубопитност и желбата за истражување.

Проектот, додаде Неданоска, има социјална и образовна нишка во еден исклучително значаен период од развојот на децата.

Со оваа донација, Охридска банка Сосиете женерал ја потврди својата солидарност кон најранливите групи во општеството и посветеноста кон општествено одговорните практики кои, меѓу другото, се препознатлив белег на нејзиниот корпоративен идентитет.