Македонија
17. March 2018 - 9:17

Дебрани познати хуманисти по крводарителство

Дебрани и понатаму се на врвот на најхуманите кога станува збор за доброволно подадената рака  и даруваната драгоцена течност што живот значи.

Ова го потврдуваат прибрани крвни еднинци, кои последните години редовно ја надминуват бројката од 600.

- Лани прибравме 634 крвни едници во девет крводартелски акции. Она што посебно радува е фактот што се зголемува бројот на оние кои првпат даруваат крв, а меѓу нив  повеќето млади. Од вкупниот број,  првпат крв дарувале 112 лица од нив 80 отсто се млади лица, изјави за МИА Исни Телќиу секретар на Општинската организација на Црвен крст на Дебар.

Акциите се спроведуваат со екипи на Институтот за трансфузиона медицина, со кого, додава тој, имаат одлична соработка,па по потрба се спроведуваат и вонредни акции, посебно во летниот период, кога во родниот крај се печалбарите.

- Не само на организираните акции,дебрани редовно се јавуваат и кога некој има потреба за крв. За нив не е битно за кого ја даруваат драгоцената течност, туку да спасат живот, посочуваат Телќиу, чие цело семејство се крводарители.

Според него позитивните резултати во крводарителството продолжуваат. Во двете, од седум планирани акции за годинава, прибрани се 70 крвни единици.

- Перманентната работа за промовирање и унапредување на крводарителството на територијата на општините Дебар и Центар Жупа е заложба која Црвен крст – Дебар континуирано, посветено и совесно ја спроведува. Така продолжуваме и понатаму и убедени сме дека ќе го зачуваме епитетот на хуман град. Хуманоста што ја покажаа нашите крводарители преку доброволно дарување крв придонесе да бидат спасени многу човечки животи, вели Телќиу.

Честитајќи им го 17 март, Денот на крводарителството во Република Македонија, тој изразува благодарност и почит кон сите крводарители, поединци, фирми, институции кои го помогнале развојот на крводарителството во Дебар.