Македонија
24. February 2016 - 13:52

Дебата за формализирање на дознаките од странство

Граѓаните кои добиваат финански дознаки од странство по официјални канали, да добиваат ваучери од Владата за здравствени услуги и лекови во вредност од нивна просечна потрошувачка, а шест проценти од износот на дознаката да стават на пензиска штедна сметка, е еден од начините за ставање на примателите на дознаки по социјалниот чадор промовиран на денешната јавна расправа на оваа тема организирана од Институтот за економски политики и истражувања Finance Think.

Ваучерот, беше посочено денеска, е еден од начините за трансформација на дознаките од неформална во формална социјална заштита. Во Македонија, покажале резултатите од истражувањето на Институтот, стасуваат годишно околу 400 милиони долари, од кои половината по неформални канали. Околу 88 илјади приматели на овие дознаки се невработени лица. 

Клучните резултати од истражувањето, рече извршниот директор на Finance Think Билјана Петровски, покажуваат дека дознаките служат како неформален извор на социјална заштита во Македонија.

- Ваучерот ќе обезбеди формална социјална заштита и пензиска и здравствена, поддржува дополнително финансиско описменување на примателите, а на долг рок може да придонесе за попродуктивна и поздрава популација, рече таа.

Во однос на бенефитите што би ги имала Владата, покажало истражувањето, ќе го намали износот од буџетот за социјална помош, а за економијата и општеството во целина ќе помогне во намлување на инцидентноста на социјална ранливост и исклученост, појасна слика за износот на дознаки кои влегуваат во земјата, зголемување на штедењето...

- За секој дополнителен денар дознаки личната потрошувачка за здравје се зголемува за 0,2 денари, а општата потрошувачка за 0,6 денари. Дополнителниот денар пак потрошен на здравствена услуга ја намалува веројатноста за лошо здравје за 0,17 денари, покажуваат податоците од направеното истражување.

Маја Парнарџиева Змејкова, експерт во здравствениот менаџмент смета дека идејата за вауер од овој вид е добра, но оти треба да се размисли дали здравството е секторот во кој тој би можел да се користи со оглед на тоа што најголем дел од граѓаните, како што рече, се здравствено осигурени лица, без разлика дали станува збор за вработени, пензионери, земјоделци, неврабнотени, корисници на социјална помош.... 

Доколку, рече таа, се работи тие средства од ваучерот да можат да се користат за плаќање на одредената партиципација, тогаш, рече тоа е нешто за кое би можело да се размислува.

Смета дека идејата за ставање на 6 проценти од вредноста на дознаката на пензиска приватна сметка е добро решение кои ќе овозможи поголема сигурноста на граѓаните.