Балкан
18. February 2016 - 11:24

Давутоглу: Во атентатот во Анкара 26 од убиените се војници

Турскиот премиер Ахмет Давутоглу денеска изјави дека 26 од вкупно убиените 28 лица во атентатот со автомобил бомба во Анкара биле војници, пренесоа британските медиуми.

Премиерот посочи дека веќе е идентификуван извршителот на вчерашниот атентат во турската престолнина и дека тој е член на сириската курдска милиција Сили за заштита на народот, пренесува БТА.

Давутоглу изјави дека ќе продолжи турското гранатирање на Силите за заштита на народот во северна Сирија.

Тој, исто така, информира дека во текот на изминатата ноќ турски воени авиони бомбардирале цели на ПКК во северен Ирак. Како што наведе, во оваа операција биле убиени 60-70 курдски борци, меѓу кои има и членови на раководството на групата.