Loading Video...
Кошарка
25. November 2017 - 18:24

Давитков: Нема опуштање, ништо не е предвреме завршено

Откако ја совладаа Словачка на гостински терен (74-66), македонските кошаркари со нетрпение го очекуваат вториот меч во предквалификацискиот циклус за Европското првенство што ќе се одржи во 2021 година, против Швајцарија. 
 
Избраниците на селекторот Јорданчо Давитков кои вчера се вратија во Скопје, попладнево ќе ги направат и последните подготовки пред утрешниот меч со Швајцарците. 
 
 Давитков истакнува дека противникот не смее да биде потценет и дека и во овој меч треба да се влезе максимално мотивирано и ангажирано. 
 
„Нема опуштање. Не смееме да го потцениме на противникот, да мислиме дека однапред лесно ќе победиме. Премногу се важни натпреварите за да дозволам опуштање и утре ќе имаме ист пристап како во Попрат. И на овој меч клучна ќе биде нашата одбрана, односно агресивноста, па доколку ја повториме истата игра од Словачка, верувам во добар резултат“, изјави селекторот Давитков. 
 
Денеска ќе се знае и дали Александар Костоски, кој поради повреда не беше за Словачка, ќе биде ви тимот против Швајцарија. 
 
Натпреварот меѓу Македонија и Швајцарија ќе се игра утре со почеток во 20:45 часот во СЦ „Јане Сандански“, а Македонската кошаркарска федерација реши влезот да биде слободен.