Македонија
10. January 2017 - 16:38

Давид Стојановски од Кратово ќе патува на операција во Виена - хуманите ги собраа неопходните средства

Првиот дел од битката за живот на Давид Стојановски од Кратово е добиен. Тринаесетгодишното момче кое боледува од карцином на коска и бели дробови, на 18 јануари со своите родители ќе замине за Виена. Потребните 54.000 евра за операција кај познатиот хирург д-р Коц се речиси собрани. Хуманите граѓани од земјава и од странство до овој момент донираа 23.000 евра на банкарската сметка на Давид. На донаторскиот број на Т-Мобиле се собраа 20.000 евра, а мобилниот оператор ВИП сеуште не ја соопштил собраната сума.

Најголемата помош за лекувањето на Давид стигна од компанијата „Силекс“, која донираше 5.000 евра. Петстотини евра донираше градоначалникот на Кратово, Мите Андоновски, а на иницијатива на фудбалскиот работник Добре Иванов, Фудбалската федерација на Македонија обезбеди 1.000 евра.

Се чини дека акцијата за собирање средства за Давид ќе беше невозможна мисија без несебичната помош на Гордана Накова и Јагода Ивановска од Форумот на жени на СПМ. Без нив, прашање е дали воопшто македонската јавност ќе дознаеше за голготата низ која минува Давид.
 

-Кога тетката на Давид се јави и побара помош, се обративме до локалниот веб-портал Аберџија и Сител телевизија и сторијата веднаш беше објавена, по што средствата набргу се собраа. Ние му благодариме на Давид и неговото семејство што не примија во нивниот топол дом за да му посакаме успешна операција и да ни се врати од Виена здрав како дрен – рече Гордана Накова.

Сторијата за болниот Давид објавена пред три недели на Сител телевизија и веб-порталот Аберџија предизвикаа лавина од хуманитарни настани во Кратово и земјава. Актерот Сашко Коцев собра 110.000 денари на хуманитарен стенд-ап настап во Кратово. Ветераните на ФК Силекс одиграа хуманитарен футсал-меч со КМФ Кратово и собраа 40.000 денари за лекување на Давид.

Интересна приказна слушнавме од младиот кратовец Оливер Димитријевски, кој лично му врачи 4.500 денари на Давид. Според неговите зборови, ден пред Божиќ на сон му се јавил глас кој побарал од него да одигра тикет во обложувалница, а добивката да ја донира. Утредента Оливер уплатил неколку тикети, а еден од нив го нарекол за Давид. Токму тој тикет излегол добитен, а добивката заврши како донација за лекување на Давид.