Македонија
2. јуни 2016 - 15:30

Даница Ивановска Лепојевиќ, добитник на наградата „Антологија на болката“

Во конкуренција на 13 необјавени стихозбирки на млади автори, а по распишаниот литературен конкурс „Антологија на болката“, што по вторпат се објавува во рамки на Рациновите средби во Велес, наградата „Антологија на болката“ за 2016 ја доби Даница Ивановска Лепојевиќ од Велес за стихозбирката „Сјај и страв и песни“.

Наградата ќе и биде врачена на 9 јуни на платото пред Спомен костурницата од НОВ во Велес на отворањето на 53. Рацинови средби, а ќе биде промовирана на 10 јуни на малата сцена на Велешкиот театар, кога професорката Елизабета Шелева ќе говори на тема „Љубовната поезија на Рацин“.

Како што информира на денешната прес-конференција Васил Зафирчев, директор на манифестацијата „Рацинови средби“, на конкурсот за необјавена дебитантска стихозбирка годинава пристигнале 18 стихозбирки од кои пет не го исполниле основниот услов бидејќи не биле дебитантски.

Од 13-те во конкуренција во потесен избор влегле пет, а потоа две: на наградената Даница Ивановска Лепојевиќ и на Ирена Јурчева стихозбирката „Бескрајот на една љубов“. Одлуката ја донела стручната жири-комисија во состав: Ана Костовска, директор на ИП „Култура“, поетесата Елена Пренџова и писателката Катерина Момева.

Членот на жири - комисијата, писателката Катерина Момева истакна дека ракописот изобилува со лирски, драматични, но и комутативни драмски метафори во 39 одвоени парчиња.

- Емотивно, сликовито и конкретно образложувајќи јасни слики и импресивно е доволен субјективниот свет на поетот. Оваа стихозбирка се издвојува по романтичарскиот дух кој ја ја прави малку поинаква од останатите, меѓутоа истата се истакнува и со драматичност во зборот, потенцира Момева.

Зафирчев појасни дека наградата „Антологија на болката“ која манифестацијата „Рацинови средби“ ја доделува заедно со ИП „Култура“ првпат беше востановена минатата година.

- Со воведувањето на оваа награда направивме полн погодок чијашто основна цел е токму да ги афирмира и промовира младите автори на современата македонска поезија, во едно сурово време бидејќи за жал се’ помалку се публикува и издава поезија во земјава, потенцира Зафирчев.

Претставникот на ИП „Култура“, Анде Јанков информира дека стихозбирката на наградената е во фаза на обработка и ќе биде испечатена и готова за промоција на Рациновите средби.

Наградената Даница Ивановска Лепојевиќ истакна дека е многу среќна и горда што ја добива наградата „Антологија на болката“ која е поврзана со делото на Коста Солев Рацин.

- Среќна сум за наградата бидејќи стихозбирката „Антологија на болката“ ме врзува за деновите од детството и оваа стихозбирка беше еден од реперите во којшто секогаш го водев моето изразување во животот. Во мојата стихозбирка има и стихови стари 15 години во кои водилка биле токму овие стихови со кои се изразувал Рацин, додаде Ивановска Лепојевиќ.