Спорт плус
14. February 2017 - 19:45

Дамјановски четврти на „Мавровскиот меморијал“ и со „А“ норма за ЗОИ во Пјеонгчанг

Првиот натпреварувачки ден на меѓународниот натпревар во нордиско скијање „Мавровски меморијал“, што се одржува на падините на Бистра, ги донесе трките во 10 километри во машка и 5 километри во женска конкуренција. 

Во машката трката на 10 километри, одржана на патеката „Мирна долина“ најбрз од 25-мината натпреварувачи кои стартуваа беше Хрватот Еди Дачиќ, кој оваа делницата ја мина во време од 19:47.0 минути, пред Србинот Дамир Растиќ и  Младен Плакаловиќ од БиХ.
 
Македонскиот репрезентативец Дарко Дамјановски, кој имаше време 20:44.5 минути или 57.5 секунди заостанување зад победникот, го освои четвртото место, но она што е позначајно тој со освоените 90 ФИС-точки ја оствари целта, односно обезбеди „А“ норма за настап на Олимпијадата во Пјеонгчанг.
 
Кај жените на патеката од 5 километри најбрза беше Дејана Косарац од БиХ со време 12:27.8 минути, нејзината сонародничка Сања Кусмак, а место на пиедесталот избори нашата натпреварувачка Викторија Тодоровска која оствари резултат од 12:46.0 минути.
 
Утре повторно ќе има натпревари на 10 километри кај мажите и на 5 километри кај жените.