Балкан
12. November 2015 - 11:16

Дали Турција наскоро ќе усвои нов устав?

Ал Џезира Балкан - Сараево

Се чини дека измената на турскиот Устав станува реалност по големата победа која ја оствари Партијата на правдата и развојот, наспроти стравот на турските опозициски партии дека АК партијата со измените на Уставот сака да изврши реформи на политичкото уредување, од парламентарен на претседателски систем. 

Меѓутоа, експертите и турските граѓани со различни партиски определби се согласуваат во тоа дека потребно е да се направи нов граѓански Устав кој ќе ги гарантира правата на сите расни и етнички компонентни во државата. 
Претседателот на Турција Реџеп Тајип Ердоган потенцира дека Парламентот треба да даде приоритет на расправа за измени и дополни на Уставот, додека во исто време премиерот Ахмет Давитоглу упати апел до сите партии во Парламентот тоа да го направат со заеднички сили. АКП освои 317 пратенички места во Парламентот и и недостасуваат уште 13 за да биде во можност да предложи нацрт измени на Уставот за кои турскиот народ гласаше на референдум, со оглед дека 175 член од важечкиот Устав пропишува дека „за секоја измена и дополна на Уставот потребно е да се остварат две третини пратенички гласови во Парламентот, т.е. 367 од 500 пратенички гласови, или да се распише референдум во случај на измени на Уставот со 330 пратенички гласови‟.

Барања на опозицијата

Некои аналитичари сметаат дека владејачката партија ќе биде подготвена на отстапки и прифаќање на некои барања од опозицијата поврзани за измените, како и дека ќе дозволи изгласување на такви барања само да се обезбеди модификација на Уставот и на тој начин да дојде до воспоставување на претседателски систем на власта. 
Турчинката Бејбин Сомук која е експерт по право тврди дека на АК партијата, која освои 317 пратенички места во Парламентот по последните избори и недостасуваат уште 13 места за да може да го изнесе својот предлог за измени на Уставот пред турскиот народ.

Таа за Ал Џезира додава дека ако АК партијата не успее да ги добие потребните гласови, тогаш ќе постои потреба барем две партии да се согласат околу темата за измени на законот за тој да се спроведе, потенцирајќи дека Уставот е највисок закон со кој се уредува секое општество. Дури и ако би постоела можност една партија самостојно да работи на негова изработка или измена, сепак заедничкото учество на сите политички партии внатре во Парламентот во тој процес би претставувало најдобра опција.

Од друга страна, правниот експерт Хамид Гајлан кој ја поддржува Демократската партија на народот (ХДП) се сомнева во намерите на владејачката партија за изработка на демократски Устав со кој на граѓаните ќе се гарантираат правата и слободите во сите компоненти на турското општество.

За Ал Џезира додаде дека АК партијата може да дозволи уставната реформа да помине на референдум и тоа така што ќе убеди 13 пратеници во Парламентот, од Партијата на националистичкото движење МХП и Републиканската народна партија ЦХП, бидејќи тие две националистички партии се согласни во своето непријателство против курдското движење.

Ја обвинува АК партијата дека се обидува да оствари уставен интерес за да воспостави претседателски систем во земјата, но и да ги оствари „сопствените и партиските интереси‟.

Меѓутоа, вели дека „на Турција не и се потребни измени на сегашниот и наводно застарен неконзистентен Устав, туку и треба нов и дециден Устав кој нема да ја величи државата, туку ќе служи на интересите на сите граѓани подеднакво без навредливата пракса кон Курдите‟, според неговите зборови.

Граѓански Устав

Студентката Јасмин Сонмаз, член на опозициската Републиканска народна партија ЦХП, за Ал Џезира вели дека „на Турција и треба Устав врз чиј основ ќе се дозволи на сите групи кои го сочинуваат турското општество да имаат свои претставници во Парламентот и кој јасно ќе ги дефинира функциите на власта на секое лице и институција‟.

Продолжува дека сегашниот Устав содржи многу членови кои се однесуваат на слободата „како и дека секој функционер може да ги интерпретира според свои хирови и идеологија‟, изразувајќи надеж дека партиите под кровот на Парламентот ќе успеат да најдат допирни точки за да се реши успешно ова прашање.

Од друга страна, Уфук Караколцу, член на владејачката партија, го обвинува „Уставот, кој легитимира воен удар‟, дека ја бутка државата во состојба на нестабилност, која се случи по изборите на 7 јуни оваа година, зборувајќи дека Уставот е застарен и дека „не одговара на нова Турција, поради што мора да се промени‟.

Тој за Ал Џезира рече дека на Турција денес не и треба граѓански Устав за да биде во состојба да ги донесува своите одлуки подинамично и да стане економска и регионална политичка сила. Потсети дека Комисијата за подготовка на новиот Устав веќе е основана. Почнала со својата работа во мај 2012 година и составена е од претставници на сите три политички партии застапени во турскиот Парламент со два експерта по уставно право од академската заедница.

Комисијата не ја исполни својата задача со оглед на различните ставови за суштински прашања, а тоа се дефинирање на статусот на граѓаните во Турција, претседателскиот систем, право на образование на мајчин јазик и административна децентрализација.