Македонија
28. May 2017 - 20:38

Дали недела е денот Д за составување Влада?

БЕСА нема да биде дел од владата на СДСМ, а засега е неизвесно и дали ќе го поддржи нејзиното гласање во Собранието. Ваква одлука попладнево донесе централното претседателство на партијата на Билал Касами, откако со мандатарот Заев не постигнале договор околу сите принципи за заедничко владеење кои БЕСА ги постави како услов за влез во Владата. Оттаму велат дека и покрај се остануваат конструктивна опозиција и дека ќе ги поддржат сите реформи во интерес на граѓаните и државата.

 Беса нема да биде во новата Влада бидејќи мандатарот не беше подготвен за заедничко владеење и за тоа да потпише заеднички договор. Ќе продолжиме да бидеме конструктивен фактор во Република Македонија, заштитник на правата на Албанците, но и интересите на сите граѓани. Беса ќе ја поддржи секоја иницијатива на новата Влада која ќе биде во интерес на Албанците и државата, истакна Касами.

Во меѓувреме во седиштето на СДСМ, се одржа средба помеѓу Заев и Ахмети на која бил потврден договорот за персоналниот владин состав, откако вчера ДУИ го предложи Хазби Лика за вицепремиер за спроведување на Охридскиот рамковен договор, Бујар Османи за вицепремиер за евроинтеграции, на Билент Салиу да му припадне ресорот правда, министерството за екологија да отиде во рацете на Садула Дураку, Куштрим Бекташи да раководи со министерството за економија, додека Рамиз Мерко е предложен за министер без ресор. Ахмети смета дека токму овие имиња се соодветни за реализирање на ветените реформи.

Вечерва ќе заседава и Централниот одбор на СДСМ, на кој партијата ќе одлучува за своите кандидати за министерски позиции. Доколку до крајот на денот мандатарот Заев успее да го формира владиниот кабинет, тогаш се очекува најдоцна до утре тој да ги достави предлогот за состав и програмата за работа на новата Влада до Собранието.