Македонија
25. July 2017 - 15:22

Дачиќ: Српската држава не одлучува за одбележувањето на Илинден во манастриот Прохор Пчински

По повод барањето на македонските власти на македонска државна делегација да и се дозволи годишнината од најголемиот македонски празник - Илинден да го одбележи во манастирот Прохор Пчињски, на територијата на Србија, српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ изјави дека не може државата да одлучува за тоа прашање.

- Тоа нема врска со државата, тоа е манастир. Не може државата да одлучува за тоа. Тие секоја година ни се обраќаат, ние тоа барање го проследуваме до црквата, црквата со нив комуницира, а вие знаете какви се односите во тој дел. Тука нема никакви дилеми, рече Дачиќ на прес-конференција.

Одговарајќи на прашање за односите со Македонија и дали некои негови  изјави влијаеле на влошувањето на овие односи, Дачиќ потсети на неговата изјава оти Србија ја признала Македонија под уставното име, а Македонија подоцна го призна Косово и гласаше за прием на Косово во УНЕСКО.

- Како ги нарушив односите со тоа што го кажав? Јас со нив се разјаснив. Како тие кон нас, така и ние кон нив и точка. И не само со нив, туку и со сите други, рече Дачиќ.

Шефот на српската дипломатија истакна дека Србија има желба за подобрување на односите со Македонија и дека многу направила на тоа поле.

- Ние вложивме во односите со Македонија. Тие, секогаш гласаа против нашите интереси. Не можам сега да кажам браво. Лути сме, рече Дачиќ.

Македонскиот премиер Зоран Заев, пред два дена, од Сараево, изјави дека од српските власти се уште не е пристигнат одговорот на барањето на македонските власти да им се дозволи прославата на годишнината од Илинден македонската  делегација да ја одбележи во манастирот Прохор Пчињски, на територијата на Србија.

- Се надевам дека ќе го добиеме одобрувањето, но и доколку не го добиеме, нема да се налутиме, рече Заев.