Балкан
29. November 2017 - 15:06

Дачиќ: САД отсекогаш имаа влијание на Балканот кое не е толку позитивно

 САД отсекогаш имаа влијание во балканскиот регион, кое за жал не е толку позитивно, изјави шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ, коментирајќи го извештајот на Атлантскиот совет од Вашингтон под наслов „Балканот напред: Нова американска стратегија за регионот“.

Досега ова е единствениот коментар на официјален Белград на извештајот на Атланскиот совет за новата американска стратегија за Балканот, во кој се предлага „историско помирување“ на САД со Србија, како и „обнова на репутацијата на Вашингтон како вистински посредник во дијалогот меѓу Белград и Приштина и во давањето помош на Грција и на Македонија“.

Во пресрет на неговото денешно учество на конференцијата на Атланскиот совет во Вашингтон, Дачиќ за весникот „Данас“ коментирајќи го косовското барање во преговорите меѓу Белград и Приштина во Брисел да се вклучат и САД, оцени дека форматот на дијалогот „тешко оти ќе се промени“.  

Дачиќ нагласи и дека прашањето за доделувањето дипломатски статус на Руско-српскиот центар во Ниш нема да биде тема на разговорите на вп Атланскиот совет, на која главна тема ќе биде Западниот Балкан. 

На Конференцијата во Вашингтон на која ќе биде објавен извештајот на Советот за новата американска стратегија за Балакнот, ќе присуствуваат министри за надворешни работи од регионот, високи функционери на Стејт департментот, членови на Конгресот и експерти.

Како што соопшти од српското Министерство за надворешни работи, Дачиќ денеска ќе има средба со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Вес Мичел, а во Белата Куќа ќе учествува на зедничкиот состанок на шефовите на дипломатиите од регионот со советникот за национална безбедност на САД, Херберт Рејмонд Мекмастер.