Македонија
2. January 2017 - 17:06

Дачиќ: Ние сме будали што ја признавме Македонија под уставното име

Ние сме будали што ја признавме Македонија под уставното име. Српскиот шеф на дипломатијата Ивица Дачиќ во новогодишното интервју за агенцијата Бета вели дека Србија направила грешка во односите со Македонија затоа што земјава го признала Косово под уставното име и го поддржала неговото членство во Унеско

– Србија направи голема грешка. Цела Европа и целиот свет го користат називот Поранешна Југословенска Република Македонија, а ние им удривме шамар на нашите браќа Грци и сега очекуваме од Грците да не го признаат Косово, а Македонија ја признавме навредувајќи ги Грците, а тие секогаш гласаат за Косово. Јас морам да кажам дека сме будали – вели Дачиќ за Бета.

Тој додава дека Србија и натаму во билатералните односи ќе го користи уставното име но кога ќе комуницира мултиралтерално, со други земји, ќе ја употребува привремената референца БЈРМ. Дачиќ вели дека едвај чека во меѓународните организации да се појави некој став кој е важен за Македонија за сите да видат како ќе се постави Србија по тие прашања.

„Србија не е играчка па да може секој со нас да си игра. Ние на никого не му дозволуваме да не понижи. Ако на некој не му се важни нашите цркви и манастири на Косово и Метохија, кои беа запалени и уништени и ако тоа не е доволно за некој биде макар воздржан во прашањето за УНЕСКО, тогаш морам да го поставам прашањето на суштината на нашиот однос“ вели српскиот министер за надворешни работи.

Дачиќ во интервјуто зборува и за проблемите во односите со Хрватска и Црна Гора потенцирајќи дека и двете земји од поранешна Југославија многу им наштетиле на српските национални интереси без како што вели Србија да направи ниту еден потег кој бил насочен против овие земји.