Балкан
31. October 2017 - 12:16

Дачиќ: Една држава го повлече признавањето на независноста на Косово

 Вицепремиерот и шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ изјави дека Суринам ја повлече одлуката за признавање на независноста на Косово.

Тој наведе дека добил известување од Министерството за надворешни работи на Суринам.

- Нотата за повлекување на одлуката и признавањето за независноста на Косово пристигна на 30 октомври. Ова одлука покажува дека мора да се истрае, да се разговара со сите, ако мислиме Косово да биде национален интерес, посочи Дачиќ.

Тој додаде дека до август 2012 година повеќе од 80 држави го признале Косово, а за време на неговиот мандат само пет земји.

- Тоа покажува дека не е се готово, како што се зборува. Не сум сигурен дека ова вест ќе биде објавена во Приштина. Тоа е многу важен настан, кој е вреден посебно внимание, а не да се зборува за некои други настани,  наведе Дачиќ.

Тој додаде дека таквата одлука не е преседан и оти се случувало и претходно, но не често.

- Во случај на Косово така беше со Сао Томе и Принципе, по смената на власта. Не го направивме тоа со пари - пари нема, ниту со притисоци - немаме со што да извршиме притисок, но мора да истраеме. Жал ми е што го признаа Косово многу кои ни беа пријатели за време на Јосип Броз Тито, но ние повеќе се занимававме со непријателите, наведе Дачиќ.