Македонија
7. February 2017 - 16:39

Цуцуловски: Нови избори се единствено решение

СДСМ продолжува да тргува со ДУИ и останатите албански партии во обид да фати фотелји на Илинденска. Од Алијансата и Беса потврдија дека Заев ја има нивната поддршка.

Што им понудиле од Бихаќка и дали СДСМ ја прифати платформата и редефинирањето на Македонија никој не кажува. Токму платформата која според сите аналитичари е катастрофа за македонските национални интереси беше главниот услов на албанските политички партии за било какви коалиции.

Молк и во ДУИ. Партиски извори велат дека во Мала Речица течат внатрешни консултации по што ќе се знае, дали Ахмети ќе го менува дресот.

Алијансата и Беса имаат единствен став дека и покрај потписите без двојазичност на целата територија и комплетно редефинирање на Македонија нема да влезат во коалиција со СДСМ. ДУИ пак не сака да се потпише пред финалниот договор.

Дали Заев е подготвен да стави потпис на албанската платформа, од СДСМ не откриваат.
Од опозициската партија велат дека денеска нема да имаат преговори со ДУИ и дека внатре, на Бихаќка ќе се гради стратегијата за понатаму.

Во меѓувреме Македонија скоро два месеци нема извршна власт. Бројни експерти и аналитичари сметаат дека тоа лошо се одразува на државата и апелираат, одржување на нови избори, час поскоро. Професорот Љубомир Цуцуловски вели дека тоа е единствениот начин да се испочитува уставот.

„Од оваа уставна и правна апорија единствен излез се нови избори. Напразни се барањата да се чујат мислењата на некои странски експерти по уставно право (како, на пример, мислењето на професорот Кларес Флорес Хуберијас од Универзитетот во Валенсија), бидејќи, држејќи се стриктно до Уставот, не можат ништо друго да понудат освен нови избори. Обидите на некои наши „мудреци“ да се повикуваат на досегашната пракса (така било, на пример, и порано) не се ништо друго освен суспендирање на Уставот, еднакво на негова дерогација.“ – вели Цуцуловски.

Предвремени парламентарни избори заедно со локалните е најдобриот избор за излез од политичката криза, смета и ВМРО-ДПМНЕ. Ваквиот став денеска и бил соопштен и на амбасадорката на ОБСЕ во Македонија, која се интересирала за можниот развој на настаните по завршувањето на изборниот процес.

„ Секоја партија која носи одлука за формирање коалиција без партијата која добила најмногу гласови и најголема поддршка од народот на изборите, треба да знае дека во исто време носи одлука да се соочува со проблеми во иднина својствени на ситуации кога се игнорира волјата на мнозинството граѓани“ – стои во писменото соопштение на ВМРО-ДПМНЕ по средбата со Соумалаинен

Од ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш потсетуваат на принципот на коалиција меѓу победниците потсетувајќи дека неговото прекршување, во иднина ја ослободува партијата од било какви обврски кон мнозинската волја на Албанците во Македонија.