Македонија
10. April 2017 - 16:24

Цуцуловски: Ако СДСМ со сила се обиде да избере влада, тоа ќе биде самоубиство

Платформата на албанските политички партии води кон уривање на Република Македонија, смета дел од академската заедница во државата. Универзитетскиот професор Љубомир Цуцуловски за емисијата „Во центар“ вели дека освен редефинирање, целта на таканаречената Тиранска платформа е федерализација и одделување на најголемите етнички заедници во Македонија.

-Првиот чекор би бил федерализација, нареден чекор би бил сепарација на условно “албанскиот“ дел, а другиот како ќе се снајде. Значи Тие воопшто не водат сметка за интересите на другите, за интересите на оние кои со векови заедно живееле на овие простори и со децении живееле во иста држава, вели Љубомир Цуцуловски, Универзитетски професор. 

Според експертите по уставно право, спроведувањето на Тиранската платформа всушност предвидува копирање на елементи од Косовскиот устав и нивно вметнување во уставот на Република Македонија. Во Косовскиот устав се вели дека Република Косово е држава на сите државјани, службени јазици се албанскиот и српскиот, додека знамето, химната и грбот го одразуваат мултиетничкиот карактер. Според експертите токму овие елементи ги содржи и платформата на албанските политички партии во Македонија.

-Прво се прави еден сурогат бидејќи тоа никогаш нема да биде применето, таа двојазичност на Косово. Се прави сурогат на некаков устав кој е наводно многу либерален во етнички поглед за да се подготви теренот за она што допрва следува во Република Македонија, вели Цуцуловски.   

Универзитетскиот професор Цуцуловски заклучува дека насилното формирање влада од СДСМ е самоубиствено и тоа нема да донесе решение на кризата. Смета дека излезот е во одржувањето на нови парламентарни избори.