Македонија
13. December 2017 - 15:06

Црвениот крст и партнерските организации ќе соработуваат за поддршка на ранливите категории

Свеста за корпоративна соработка и корпоративно инвестирање е во подем и од тие причини политиките на Црвениот крст и неговото работење се насочени кон дополнително поттикнување на интересот на јавноста, на компаниите за помош и поддршка на ранливите групи.

Ова денеска го истакна генералниот секретар на Црвениот крст на Република Македонија, Саит Саити на отворањето на осмиот Партнерски состанок, кој се одржа со цел да се поттикне соработката меѓу Црвениот крст на Република Македонија и партнерските организации за да се воспостават одржливи партнерства и обезбедување проектна поддршка за општествено социјални програми за подобрување на квалитетот на животот на ранливите категории во заедницата.

- Се надевам дека оваа наша практика која ја негуваме со години наназад ќе биде поттик и мотивација за сите компании за корпоративно инвестирање, додаде Саити.

На состанокот присуствуваше и министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, кој рече дека во услови на децентрализација на надлежности на локално ниво општините имаат огромна улога во обезбедувањето на најважните улоги за граѓаните и за бизнис заедницата.

- Политиката на Министерството за локална самоуправа е да обезбеди услови за воедначен пристап до сите услуги на сите граѓани. Истото се очекува и од локалните власти на територијата на општината. Од посебно значење е грижата за ранливите групи и нивното интегрирање во општеството, рече Фазлиу. 

Посочи дека за идната година Министерството за локална самоуправа во својот буџет одреди три милиони денари за имплементација на локалните акциски планови за спроведување на стратегијата за интеграција на Ромите.

- Верувам дека и овие активности може да бидат имплементирани во поширока соработка не само меѓу централните и локалните власти, туку и со вклучување на граѓанскиот и на бизнис секторот, додаде Фазлиу.