Свет
25. August 2015 - 8:59

„Црн понеделник“ за светските брзи

Глобалните берзи на акции доживеаја вчера стрмоглав пад, а цените на стоковите берзи достигнаа нов минимум под влијание на економската ситуација во Кина, и поради стравувањата од штетното успорување на втората најголема светска економија.

Вредноста на акциите на кинеските берзи се намалува од средината на јуни кога беа највисоки, поради што властите покренаа широки интервенции во обид да го совладаат тој тренд, но ни најновите пазарни интервенции на Пекинг не успеаја да ја вратат довербата, јавуваат западни медиуми.

Речиси 9-процентен пад на акциите во Кина ги потресе глобалните берзи, па американскиот индустриски индекс Дау Џонс загуби повеќе од илјада бодови, пред Волстрит да ги ублажи загубите, додека индексот S&P500 „потона“ повеќе од три отсто.

- Нема сомение дека паниката раѓа паника на Волстрит, вели Мајкл Холанд во интервју за Блумберг телевизија, нарекувајќи го вчерашниот ден - црн понеделник.

Тој додаде дека тоа е психолошка работа што се шири секаде.

Одделни европски берзи исто така вчера регистрираа загуби над седум проценти во попладневното тргување.

Лондонскиот FTSE 100  се намалу за 4,67 проценти, Парискиот КАК 40 се намали за 4,70 отсто што е негов најголем пад од ноември 2011 година. Меѓу останатите европски берзи кои беа потресени од „црниот понеделник“ со загуби над пет проценти се и берзите во Амстердам, Брисел, Милано, Мадрид и Осло. И грчката берза регистрира намалување за повеќе од 10 отсто. Акциите на берзата во Шангај „потонаа“ за 8,49 отсто што е најголем пад од февруари 2007 година.