Македонија
25. February 2017 - 19:04

Ц.О на СДСМ акламативно го потврди Зоран Заев за мандатар

Централниот одбор на СДСМ едногласно го утврди партискиот лидер Зоран Заев за мандатар за состав на Влада. Оваа информација Социјал-демоктарскиот сојуз ја пренесе преку партиско соопштение, откако денешната седница на Централниот одбор заврши без изјави од раководството. Заев добил поддршка и овластување да влезе во преговори за владина програма и за новиот владин состав, додека пред членовите на Централниот одбор најавил формирање на  реформска влада.

„Следува период во којшто ќе се посветиме на поставување на квалитетна владина програма, што ќе ја реализираат одговорни политичари, кои ќе водат реални политики, така како што избраа граѓаните на Македонија. Презедовме обврски за живот за секој човек со Планот за живот. СДСМ носи живот за сите граѓани на Македонија“, истакнал Заев пред членовите на Центарлниот одбор кои биле информирани и за текот и содржината на разговорите со политичките партии кои имаат добиено мандати во Собранието.   

Состанокот на Центарлниот одбор на СДСМ следи по вчерашната одлука на раководството на ДУИ своите потписи да ги даде на СДСМ со цел оваа партија да го формира новото парламентарно мнозинство, но одлуката за тоа дали ДУИ ќе биде опозиција или дел од новата влада ќе биде донесена во понеделник, бидејќи и двете опции се уловени со усвојување на предлог законот за јазиците. Со поддршката од ДУИ, Алијансата на албанците и Движењето БЕСА, Социјал-демоктарскиот сојуз има обезбедено 67 пратеници во Собранието, но од партијата официјално не откриваат кога тие ќе бидат доставени до шефот на државата. Иванов веќе прецизираше дека мандатот за состав на новата влада ќе го додели на онаа политичка партија или коалиција која ќе му достави потписи од најмалку 61 пратеник, но ќе обезбеди и одредени гаранции за заштита на унитарноста на државата и за реформи во безбедносните структури.