Македонија
31. January 2017 - 17:10

Ципрас во Белград: Грција сака решение за името, а Македонија шири непријателство и национализам

Грција има желба, но не и Македонија за решавање на спорот за името, обвини од Белград грчкиот Премиер Алексис Ципрас, кој престојува во официјална посета на Србија. Запрашан како Белград може да и помогне на Атина во решавање на спорот со Македонија, Ципрас изјави дека последните години Грција покажала трпениe за решавање на спорот, но i дека чувствува непријателство од Македонија.

-Меѓутоа сите треба да разберат дека соработката поврзана за разликите што постојат не може да има ефект, односно воопшто да се остварува, доколку некој инсистира на непријателски или спротивставени ставови. Значи тоа е нешто што покажува еден интензивен, еден националистички стремеж кој никако не е во согласност со нашите ставови и не е во согласност дури ниту со епохата во која живееме, изјави Ципрас.

Ципрас сета вина ја префрли врз Македонија, иако претходно во континуитет ја фалеше токму соработката која се интензивира преку мерките за градење доверба, со што тој и шефот на дипломатијата Никос Коѕијас се разликуваа од националистичката реторика на грчкиот Претседател Прокопис Павлопулос.

А, Павлопулос со истата реторика продолжи и од Португалија. Меѓу темите за кои разговарал со својот португалски колега е и спорот за името со Македонија, при што грчкиот Претседател ги повтори познатите позиции.

-Атина става јасно до знаење дека се додека соседната земја инсистира на користење на име со кое провоцира фалсификување на историјата и покажува иредентизам, нема да има европска перспектива. Европското право исклучува приклучување земји кандидати кои на каков било начин ја одбиваат статус-кво состојбата на границите на земјите членки на Европската Унија, изјави Павлопулос во Лисабон .