Македонија
23. September 2016 - 16:19

Ципрас останува на „ерга омнес“, Попоски-Коѕијас: односите се подобруваат-името се уште далеку од решение

Сложено име со географска одредница за севкупна употреба, тоа барањето на Грција во преговорите за спорот со името потврди грчкиот премиер Алексис Ципрас во говорот на Генералното собрание на Обединетите нации. 

Ципрас, од говорницата порача  дека неговата земја поттикнува мерки за градење доверба кои имаа цел да ја засилат довербата но и да ја зголемат прекуграничната соработка во овој клучен период.

Црвените линии Ципрас ги потврдил и на синоќешната куса средба со генералниот секретар Бан Ки-мун, на која присуствувале и шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕис, и посредникот во спорот за името, Метју Нимиц.

Според грчки владини извори, генералниот секретар на ОН ги смета за „особено позитивни“ мерките за градење доверба меѓу Македонија и Грција.

За мерките за градење доверба во Њујорк вчера разговараа и Коѕиас и македонскиот министер за надворешни работи, Никола Попоски. Шефот на македонската дипломатија по средбата порачува дека односите помеѓу двете земји се подобруваат, но решението за спорот со името се уште е далеку.

- Во континуитет во нашите средби работиме на градење на мерките на доверба. Постои значително поместување во делот на оние цели кои ги имаме зацртано и мислам дека имаме постигнато некое ниво на разбирање дека услови во кои постои едно прашање кое е многу сериозен проблем и во кое имаме сериозно разидување и различни ставови, најдобро е да се концентрираме на сите останати теми кои не поврзуваат и за кои и Македонија и Грција имаат заеднички стратегиски интереси и заеднички гледаат кон иднината. Во овој дух течат разговорите и мислам дека во овој дух сепак ќе продолжат бидејќи ова не е период во којшто ние можеме да го решиме долгогодишното најтешко прашање во нашите билатерални односи, но дефинитивно е период во кој може да ја зацврстиме перцепцијата на две земји кои имаат нормална соработка и кои во регионот сакаат да креираат позитивна клима, изјави Попоски.

Дека односите помеѓу двете земји се потврдуваат било потврдено и на денешната прва средба на новоименуваниот амбасадор на Грција во Македонија, Димитрис Јанакакис и претседателот на македонското собрание. Според соопштението испратено по средбата од кабинетот на Велјановски, Јанакакис изразил задоволство што доаѓа на мандат во Република Македонија кога има значајно приближување во односите помеѓу двете држави што смета дека е резултат на мерките за градење на доверба, а Вељаноски порачал дека стои на располагање за идна подлабока парламентарна соработка која би помогнала во градењето на подобри севкупни односи меѓу двете земји и би придонела за зголемување на довербата помеѓу двата народи, по првата официјална билатерална средба со претседателот на Парламентот на Република Грција, Николаос Вуцис во Стразбур.

Шефот на македонската дипломатија, пак од Њујорк потврди дека веќе ја пренел својата загриженост на Федерика Могерини и Јоханес Хан за размислувањата да се воведат парични такси и претходно пријавување за патување низ ЕУ за државјани на земји кои имаат безвизен патен режим. Според Попоски, евентуалното вакво решение би било негативен чекор и би ги уназадило правата на слободно движење низ Унијата.

- Нивните пораки се дека сепак не се работи за нешто што е одлучено, дека е значајно да биде слушнат нашиот глас и ние преземаме конкретни чекори да имаме група на земји членки во ЕУ кои ќе дејствуваат во правец на обесхрабрување на една ваква регулатива, изјави Попоски.

Могерини и Хан упатиле порака дека примената ваква мерка и доколку биде усвоена сигурно нема да стартува во блиска иднина.