Балкан
28. September 2015 - 8:52

Ципрас: Олеснувањето на должничкиот статус клуч за глобалниот развој

Грчкиот премиер Алексис Ципрас изјави синоќа пред Генералното собрание на Обединетите нации дека светот не може да зборува за глобалниот развој, а да не се допре прашањето за реструктуирање на долговите. 

Темата на собирот е глобалниот план за развој во следните 15 години со цел да се елиминира сиромаштијата, но новоизбраниот грчки премиер смета дека светот не може да се носи со тоа „се додека не бидеме во можност да разговараме за тоа како да ги изградиме или да ги унапредиме државите на благосостојба наместо да ги уништуваме“. 

Грција уште од 2010 година зависи од финансиската помош на своите европски партнери и Меѓународниот монетарен фонд. 

Ципрас истакна од говорницата на Генералното собрание на ОН дека економската криза во еврозоната го намалила Бруто домашниот производ во неговата земја за 25 отсто. 

Тој должењето го нарече “предизвик во суштината на нашиот глобален финансиски систем“.