Македонија
21. January 2018 - 16:12

Ципрас исцрта црвена линија - севкупна употреба значи и име внесено во уставот

Спорот меѓу Македонија и Грција не може да се реши без Македонија да го смени Уставот. Грчкиот премиер Алексис Ципрас во интервју за Етнос вели дека за Грција, решение на спорот значи само ако се договори сложено име кое ќе биде за севкупна употреба

- Решавањето значи заемно прифатливо сложено име за севкупна употреба. А севкупна употреба значи дека не може да се вика различно во нашите билатерални односи и во ООН, а друго да е уставното име. Во однос на НАТО и ЕУ, работите се јасни. Интеграција во НАТО или отпочнување пристапни преговори за соседната земја ќе има само со решение на името, вели Ципрас за „Етнос“

Интервјуто на Ципрас доаѓа во екот на масовните протести кои денеска се одржаа во Солун. Неколку десетици илјади Грција Под споменикот на Александар Македонски во Грција порачаа дека Македонија е грчка. Протестот организиран од граѓански здруженија и денеска го предводеа свештеници на Грчката православна црква. Дел од грчките медиуми пишуваат дека протестот е порака до премиерот за насоката во која Грците очекуваат да се движи решението на спорот за името, односно дека не треба да се размислува за име кое во себе ќе го содржи терминот Македонија.

Ципрас вели дека ги разбира чувствата на граѓаните но потенцира дека националните интереси не се бранат со протести

- Веќе 25 години соседите се признати од многу земји под името Република Македонија. Ние секаде се бориме сите да ги нарекуваат пјРМ, односно со сложеното име што го содржи терминот Македонија, но без никаква одредница што би го спречила присвојувањето и на географијата, но и на историјата. Значи, доколку постои можност за решение што ќе ги отстрани овие негативни факти што ни ги наметнаа во 1992, тогаш ќе биде национална глупост да не ја искористиме, вели Ципрас во интервју за Етнос.

За разлика од Ципрас, македонскиот премиер Заев реши да не открива детали за позициите на Македонија во надеж дека нема да ја наруши атмосферата која македонската влада ја оцени како исклучително позитивна. Заев рече дека очекува евентуалното решение за името во Македонија да биде прифатено со консензус меѓу политичките партии и на референдум од граѓаните.
Сепак, опозициската ВМРО-ДПМНЕ во последните неколку дена редовно го повторува партискиот став дека нема да прифати промена на Уставот за промена на уставното име, нешто што Ципрас јасно го побара во псоледното свое интервју.