Македонија
10. March 2018 - 16:14

Ципрас го губи мнозинството за евентуална ратификација на договор за името

Грчкиот премиер Ципрас се соочува со криза во парламентот за постигнување на   решение за спорот со името. Неизвесно е дали евентуалниот договор за името ќе може да се ратификува во грчкото Собрание, откако коалициониот партнер на Ципрас, партијата независни Грци предводени од Каменос,  се изјаснија дека дефинитивно не би гласале за решение кое ќе го содржи терминот „Македонија“.

Иако оваа партија има само 9 пратеници, без нив Сириза нема мнозинство во парламентот. Ципрас има 145 а за усвојување на решението потребно е да гласаат 151 пратеник од вкупно 300.

Грчките медиуми пренесуваат дека Ципрас е во потрага по нови сојузници а се претпоставува дека поддршка може да добие од партијата Река, чиј лидер е единствениот политичар кој  поддржува решение за спорот со името. Оваа партија има 6 пратеници, токму онолку колку што се потребни за мнозинство.  

- Добро информирани извори велат дека Алексис Ципрас како никогаш досега има потреба од сојузник во Парламентот за скопското прашање. Односите со Панос Каменос стигнаа до ќор-сокак, коалициониот партнер категорично изјавува дека нема никогаш да прифати име за Скопје што го содржи терминот „Македонија“,  а веќе и јавно зазема различен став од премиерот.

Ципрас и Теодоракис ќе се сретнат во понеделник, а во знак на добра волја грчкиот премиер ја прифати неговата идеја за формирање на Совет за национална безбедност, иако истото го побара и лидерот на најголемата  опозициска партија Нова Демократија, Киријакос Мицотакис. Опозицискиот лидер кој учествува со 76 пратеници е против договор за името, а на иста линија се и  радикалната Златна Зора која има 40тина пратеници, но и помалите опозициски партии.

Освен на 6-те гласови на Река, според проценките на аналитичарите, Ципрас евенутално може да се надева и на неколку гласа од опозцииската Демократската коалиција, од која се дел и ПАСОК, поранешната владејачка партија, која важи за поумерена во однос на прашањето за името.

Инаку, граѓаните во Грција според едно истражување спроведено од медиумите, сметаат дека  евентуалното решение на проблемот со името ќе биде поблиску до македонските позиции . 57,1 процент се изјасниле дека решението ќе биде во согласност со македонските барања, а само 26.9 % сметаат дека решението ќе биде согласно грчките „ црвени линии“