Македонија
30. August 2017 - 13:26

Членството во НАТО е најдобар начин за стабилизирање на Македонија

Импленетирање на реформските процеси и највисоките демократски стандарди за градење на државата во модерна европска демократија и во одговорен, активен чинител и партнер во меѓународните односи и фактор за стабилност во регионот и пошироко, се неопходни за исполнување на стратешката цел на Македонија за членство во НАТО, но се важни и за македонското општество.

Република Македонија во тие напори има целосна поддршка од САД и Германија, бидејќи членството во НАТО и ЕУ се најдобар начин за стабилизирање на Македонија и регионот на долг рок.

Тоа се пораките од денешната конференција „Македонија кон целосно членство во НАТО“, во коорганизација со Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика при МНР (ИГИНП), Европскиот центар за безбедносни студии Џорџ Маршал и Алумни Асоцијација на Маршал центарот во Македонија.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, на отворањето на конференцијата рече дека политиката на отворени врати на НАТО мора да продолжи со земјите од Западен Балкан, и дека иднината на Македонија е во НАТО како 30 земја членка на Алијансата.

- Сакаме да бидеме 30 членка на НАТО и за таа цел се посветивме и работиме и дома и надвор. Во суштината на домашната реформска агенда на оваа Влада е да изгради силни институции и демократија каде граѓаните ќе ја контролираат власта, а не властта да ги контролира граѓаните. Тоа ќе го направиме пред се за нас самите, но ќе овозможи да се тргнат и некои дополнителни забелешки кои Алијансата ни ги испрати од Самитот во Варшава, изјави Димитров.

Преземаме, продолжи тој, и интензивни дипломатски активности надвор за зајканување на нашите евроатлантски перспективи преку унапредување на добрососедските односи и регионалната соработка и цврсто сме решени да продолжиме со нашиот нов конструктивен пристап базиран на европските и евроатлантските вредности.

- Како земја која се гледа себеси како членка на Алијансата во наредниот период ќе го зголемиме своето учество во меѓународните мировни мисии за 20 проценти, а буџетот за одбрана ќе го зголемиме за референтни 0,2 отсто секоја година со желба од сегашните 1 процент од БДП да стигнеме до крајот на мандатот на оваа Влада до 1,8 проценти од БДП, изјави Димитров.

Потсети дека пред Букурешт, Македонија трошеше 2,5 проценти од БДП на одбрана.

- Членството во Алијансата нема алтернатива. Според последното истражување на ИРИ од мај 2017 година, 71 процент од граѓаните го поддржуваат нашето членство во НАТО. Како мултиетничко општество стратегиската определба за членство во НАТО е обединувачки и кохезивен фактор во Република Македонија, изјави Димитров.

Амбасадорот на САД Џес Бејли, рече дека иако многу работи се променети од минатото лето, три работи остануваат исти, и тоа дека НАТО е јадрото за евроатлантската сигурност, посветеноста на Алијансата и партнерите и стратешката цел на Македонија за членство во НАТО.

- САД остануваат партнери на Македонија во напорите и еден ден да ве поздравиме како полноправен член на Алијансата. Македонија мора да продолжи со внатрешните демократски реформи. Со инвестирање во модернизација на армијата и да гради силни врски со соседите. НАТО постојано ги потврдува заложбите од Букурешт за членство на Македонија, откако ќе најде заемно прифатливо решение за спорот за името со Грција. Нема илузии дека тоа ќе се реши преку ноќ, но како што заменик претседателот Мајк Пенс во Подгорица не потсети дека сега е историски момент за напредок во регионот и ве повикуваме да го искористите. САД заедно со многу ваши пријатели се подготвени да ви помогнат во овие напори бидејќи успехот ќе го зајакне взаемниот интерес и стабилност, изјави Бејли.

Германскиот амбасадор Томас Норберт Герберих, рече дека давањето јасна евроатлантска перспектива на Македонија ќе обезбеди јасна реформска агенда на земјата.

- Така длабок реформски процес бара многу сила и храброст. Мора да дадеме поголемо признание за тоа што македонското општество, како и многу други од регионот на Западен Балкан, се наоѓа сред голем процес на реконструкција, во економски, политички и социјален аспект. Мора да разбереме дека овие реформи се тешки. Тие не се услуга на НАТО, туку во интерс на самиот Западен Балкан. Како НАТО членки треба да преземеме конкретни чекори и развиеме свежи идеи за остварување на процесот за членство на земјите од Западен Балкан во НАТО. Членството во НАТО и ЕУ се најдобар начин за стабилизирање на Македонија и регионот на долг рок. Германија ве поддржува во овој процес, изјави Герберих.  

Директорот на ИГИНП, амбасадорот Абдулкадар Мемеди, на отворањето на конференцијата изјави дека нејзиното мото е Македонија во НАТО и кон таа цел ќе се одржат и две специјализирани панели на теми - „НАТО придонеси кон безбедноста и стабилноста на Западниот Балкан“ и „Република Македонија и НАТО: од активно партнерство до целосно членство“.