Свет
11. January 2016 - 9:16

Четворица убиени во напад врз болница на Лекари без граници во Јемен

Најмалку четири лица загинаа во ракетен напад врз една болница на хуманитарната организација „Лекари без граници“ во северен Јемен.

Како што соопшти организацијата, при нападот се ранети други десет лица, од кои тројца се припадници на персоналот на болницата. Двајца од ранетите се вели дека се наоѓаат во животна опасност.

Во соопштението на „Лекари без граници“ се вели дека нападот бил извршен во провинцијата Саада, која претставува цврсто упориште на бунтовниците Хути.

Оваа шиитско движење војува против јеменската влада и нејзините сунитски сојузници, предводени од Саудиска Арабија.

Според „Лекари без граници“ не е јасно дали ракетата е лансирана од авион на меѓународните сили, под водството на властите во Ријад, или од земја, но сведоци тврдат дека во време на нападот, биле забележани авионски летови над регионот каде што се наоѓа болницата.

Болница на „Лекари без граници“ беше уништена во октомври, додека нејзината клиниката во Таиз беше ракетирана минатиот месец.

Двата напади ги извршија авиони на коалицијата на сунитските држави, предводени од Саудиска Арабија, кои ја подржуваат владата на Јемен , која бунтовноците Хути ја протераа од Сана.