Македонија
16. March 2018 - 14:56

Четворица обвинители сметаат дека преквалификацијата на делото за Алмир е повреда на законот

Јавните обвинители Ферат Елези, Башким Бесими, Џелал Бајрами и Исмаил Дардишта во врска со случајот на малиот Алмир сметаат дека со прекфалификацијата на кривичното дело „убиство“ во „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ е сторено повреда на основните начела на Законот за јавното обвинителство, кои воедно се и основни и темелни вредности на Уставот на РМ. 

Во дописот до медиумите потпишан од четворицата обвинители на Јавното обвинителство на Република Македонија стои: 

- Во врска со настанот познат во јавноста како случај на малиот Алмир, ние јавните обвинители од Јавното обвинителство на РМ сакаме да ја информираме пошироката јавност дека со прекфалификацијата на кривичното дело „убиство“ предвидено во член 123 ст.2 т.3 од КЗ на РМ во кривично дело од областа на сообраќајот предвидено во член 300 ст.2 во врска со член 297 ст.1 од КЗ на РМ како тепки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, е сторено повреда на основните начела на Законот за јавното обвинителство како што се начелото на законитост, непристрасност, објективност и заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот кои воедно се и основни и темелни вредности на Уставот на РМ, стои до соопштението. 

Се наведува дека Елези, Бесими, Бајрами и Дардишта уште при реферирање на овој случај во ЈОРМ имале ист став и оти се уште остануваат на него дека обвинителниот акт КО бр.697/2016 од 19.12.2016 година на ОЈО Куманово кореспондира во целост со дејствијата на обвинетиот како што и бил првично обвинет за кривично дело Убиство предвидено во член 123. ст.2 т.3 од КЗ на РМ. 

- Ваквиот наш стручен став е образложен и на одржаните колегиуми во ЈОРМ во врска со овој настан, стои во дописот до медиумите испратен од четворицата обвинители.

Обвинителството од Куманово на вчерашното судско рочиште во завршниот збор го преквалификува обвиниението протов Бобан Илиќ за случајот „Алмир“ од „убиство“ во кривично дело „тешко дело против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот “ од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичен Законик. Судот  го укина притворот на првообвинетиот Илиќ поради надминување на  законски предвидениот период од поднесување на обвинението.

Обвинетиот Илиќ се товари за прегазување на четиригодишниот Алмир Алиу на 25 јуни 2016-та година, по претходна банална расправија со таткото на момчето, во кумановскиот Здравствен Дом на улицата „Борис Кидрич“. Четиригодишниот Алмир почина од здобиените повреди на 1 јули 2016 година.