Балкан
23. јуни 2017 - 10:11

Четиринаесет години од ветувањето од Самитот во Солун

Танјуг - Белград

Пред 14 години на ЕУ самитот во Солун се упати порака дека вратата на Унијата е отворена за Западен Балкан, што беше првпат европските лидери јавно да ветат дека сите земји од регионот ќе влезат во ЕУ, но 14 години подоцна, имаат малку причини за задоволство.

„ЕУ повторно ја потенцира својата недвосмислена поддршка на европската перспектива за земјите од Западен Балкан. Иднината на овој регион е во ЕУ” – пишува во Декларацијата која на иницијатива на Грција е усвоена во јуни 2003 година во Солун, потсетува порталот „Еуропиан вестерн Балкан”, укажувајќи дека таа реченица се однесувала тогаш на Хрватска, Србија и Црна Гора, Босна и Херцеговина, Македонија и Албанија.

Одредницата „повторно” се однесуваше на фактот дека пред Солунскиот самит, ЕУ повеќе пати рече дека регионот има европска перспектива – првпат во 1999 година на самитот во Португалија во Санта Мариа де Фери, но треба да се има предвид тоа дека во тој момент СРЈ беше под водство на режимот на Милошевиќ и дека само што претрпе бомбардирање; вториот повик да се приклучат земјите од регионот го добија на самитот во Загреб во 2000 година на кој по првпат официјално присуствуваше и Воислав Коштуница, како нов демократски избран претседател на СРЈ. 

„Кога од оваа перспектива ќе ги видиме претходните 14 години, нема многу причини за задоволство. Единствено Хрватска успеа да влезе во ЕУ, додека останатите земји се во многу незавидна речиси парадоксална положба. Технички никогаш поблиску до ЕУ, но всушност и практично никогаш подалечни” – оценува EWB.

Важна порака која беше испратена од самитот во Солун е и дека за земјите од регионот ЕУ воведува критериум за „развој врз основ на индивидуални заслуги”, што значи дека земјите од регионот ќе напредуваат кон ЕУ врз основ на тоа колку направиле на изградбата на демократските институции кои гарантираат владеење на правото, воспоставување на пазарна економија и до нивните капацитети да ги преземат сите обврски кои произлегуваат од членството во ЕУ.

EWB, наведувајќи дека политичките елити од регионот во целост го заборавиле и занемариле тој факт, па често можат да се слушнат забелешки дека ЕУ има двојни аршини и поостри критериуми кога се во прашање земјите од Западен Балкан, укажува дека извесно е дека денес процесот на преговорите е многу покомплексен, бидејќи Унијата учи од претходните грешки и не сака да увезува нерешени проблеми.

„Поради примерот на Бугарија, Романија и Хрватска, поглавјата 23 и 24 кои во најголема мера се однесуваат и на исполнување на овие политички критериуми, т.е. на демократизацијата и владеењето на правото, во случајот на Србија и Црна Гора бараат многу повеќе работа и реформи од што беше порано. Исто така, овие поглавја во случајот со Црна Гора и Србија се и блокирачки, т.е. ако нема развој во овие области, може да дојде до запирање на преговорите или нивен прекин. Од една страна тоа може многу да го продолжи целиот процес за приклучување, но од друга страна државите во моментот на приемот во членството ќе бидат далеку подобро подготвени” – истакна порталот во својата анализа.

EWB укажува дека сите овие години ентузијазмот за влезот во регионот во ЕУ се намалуваше во земјите на Западен Балкан, како и дека кризите во рамки на ЕУ и неодамнешниот Брегзит направија Брисел вниманието да го насочи на некои други региони и на сопствените проблеми.

Изјавата на Жан Клод Јункер, при преземањето на должноста претседател на Европската комисија во 2014 година, дека во неговиот мандат нема да има прием на нови членки, зборува дека проширувањето не е високо на агендата на ЕУ.

Во врска со тоа EWB истакнува дека изјавата на Јункер технички целосно е точна, бидејќи во рок од пет години ниту една држава не може процедурално да ги исполни критериумите и да влезе во ЕУ, но нанесе огромна политичка штета.

Заморот и незаинтересираноста на Брисел за проширувањето, во регионот често се користи како изговор за неисполнување на обврските на патот кон членството, но и за јакнење на недемократските и авторитарни политички лидери.

Стабилноста на регионот за Брисел од секогаш била многу значајна и дури и клучен предуслов за отварање на европските перспективи за регионот.

ЕУ уште во 1999 година својата политика кон Западен Балкан ја нарече „политика на стабилизација и приклучување, додека во случај на сите други држави кои преговараа таа политика е наречена политика на придружување”.

„Тоа се покажа како оправдан потег на Унијата, бидејќи регионот во текот на 90-тите години помина не само низ граѓански војни, туку и низ слом на стопанствата, институциите, вредностите, но и општествата во целина. Единствено загрижува што наспроти се ни денес по 18 години, иако Хрватска е членка на ЕУ, а другите земји се наоѓаат на патот кон европските интеграции, не можеме да кажеме дека регионот е стабилизиран” – смета EWB и додава дека на Брисел претежно се гледало само од агол на нови инвестиции и користење на фондовите.

Порталот потенцира дека поради сето тоа менторството и поголемиот ангажман на ЕУ на Западен Балкан се уште е неопходно.

EWB укажува на тоа дека Србија и Црна Гора напредуваат во отварањето на поглавјата, Албанија чека датум за преговори, Македонија доби проевропска Влада и најавува забрзување на европските интеграции, а Босна и Херцеговина очекува добивање на статус на кандидат, а кој прв ќе дојде до бриселската цел и дали во најавениот концепт на Европа во повеќе брзини ќе има место за сите земји од Западен Балкан, останува да се види и да се верува на зборот на европските лидери кои тврдат дека солунското ветување останува.

„Тоа што во 2017 година може да се констатира е дека ниту еден копенхашки критериум не е исполнет. Институциите не се изградени, одржлив економски систем не постои, вистинското помирување со соседите не е остварено, а владејачките структури кокетираат со национализмот од периодот на 90-тите години” – потенцира EWB.

Суштината на односите на ЕУ и Западен Балкан од Солунскиот самит во 2003 година, можеби најдобро ја опишува шведскиот дипломат и експерт за регионот Карл Билт. „Тоа ветување ќе биде тешко да се одржи толку колку што беше важно да се даде”.