Македонија
10. November 2016 - 17:47

Честитка од ОМД до претседателот на САД, Доналд Трамп

Во име на македонските Американци, Обединетата македонска дијаспора (ОМД) во телеграма му изразува честитки на Доналд Трамп за победата на изборите за 45-ти претседател на Соединетите Американски Држави.

- Половина милион Американци имаат македонско потекло. Охајо, Мичиген, Илионис, Индијана, Пенсилванија, Њу Јорк и Њу Џерси се дом на значителен број на Македонско-американски заедници. Се надеваме и очекуваме соработка со Вас, со идниот потпретседал Мајк Пенц и Вашата администрација во целост со цел проширување и продлабочување на врските помеѓу САД и Република Македонија. Договорот за стратешко партнерство помеѓу САД и Република Македонија од 2008 година, под покровителство на претседателот Џорџ Буш претставува платформа која врз основа на Вашето лидерство може да ги прошири нашите заеднички интереси во областа на безбедноста, инвестициите и трговијата. Исто така, се надеваме дека во иднина Македонија ќе биде вклучена во Безвизната програма на САД, пишува во телеграмата на ОМД.

Македонија, како што наведуваат од ОМД, е силен сојузник кој застапува мир и стабилност во регионот кој страда од последиците на војни и социо-економска нестабилност. Македонија е Балкански стратешки еквивалент на Израел, Југоисточната Европска стабилност или нестабилност е длабоко поврзана со Македонија. Во Република Македонија на 11-ти декември 2016 година ќе се одржат историски значајни избори кои се клуч за нејзината демократија.

- Македонија е еден од најсилните и најсигурните сојузници на САД. Иако Македонија не е член на НАТО, нејзините војници секогаш ги штителе војниците на САД во текот на ИСАФ мисијата во Авганистан, во Ирак и беа логистички центар за мисиите на НАТО во Косово. Пред 12 години претседателот Буш ја призна Македонија под нејзиното уставно име и дека длабоко се надеваме дека со Вашата помош и лидерство, Обединетите Нации конечно ќе ги прогласат таканаречените напори за „преговори за името“ како ништовни и неважечки, пишува во честитката на ОМД до Доналд Трамп.

Од Обединетата македонска дијаспора во телеграмата изразуваат надеж дека Трамп ќе помогнете во обезбедувањето членство на Македонија во НАТО и ќе ги поддржи еднакви човечки и верски права и слободи на малцинствата во Грција, вклучувајќи ги Македонците и лицата од македонска православна вера.