Македонија
17. September 2015 - 21:10

Чешка и Словачка можат да помогнат во миграциската криза во Европа

Според словачкиот претседател Андреј Киска, земјата може да помогне во решавање на проблемот со бегалците, јави дописникот на МИА од Прага.

- Убеден сум дека ние навистина сме во можност да помогнеме и од аспект на државата и нејзината безбедност. Способни сме и подготвени да помогнеме во однос на илјадници поединци, но исто така и на организации, рече Киска по средба со странски граѓани кои живеат во Словачка, а се по потекло од Авганистан, Сомалија и Ирак.

Левичарската Влада на Роберт Фицо изминатите месеци се постави против распоредување на бегалци во земјите членки на ЕУ, врз основа на обврзувачки квоти.

Братислава планира доделување на азил само на 200 Сиријци, образложувајќи дека Словачка треба да има капацитет во случај на влошување на кризата во Украина.  

Чешкиот премиер Бохуслав Соботка непосредно говорејќи за помошта која Чешка им ја даде на граѓаните од Балканот за време на војната во 90-те години на минатиот век назначи колку бегалци Чешка може да прими во моментов.

Со оглед на тоа што тогаш им беше пружена помош на околу 10.000 луѓе, најчесто од Босна и Херцеговина, Соботка ја потврди бројката која вчера ја понуди министерот за човекови права Јиржи Динстбир, кој оцени дека земјата може да пружи помош на 7-15 илјади бегалци.

Претходно Чешка се согласи да прими 1.700 бегалци до 2017 година, а не се согласува со обврзувачки квоти.