Свет
16. August 2017 - 14:11

Чавушоглу: Нема морска граница меѓу Турција и Грција

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу изјави дека Турција нема да прифати „де факто" ситуации во Егејско Море, покренувајќи го повторно прашањето за суверениот статус на некои острови од овој регион, јави весникот „Прото тема“. 

Одговарајќи на прашање во Парламентот, шефот на турската дипломатија изјави дека меѓу Турција и Грција има серија взаемно поврзани проблеми во Егејско Море.

Меѓу овие проблеми е и оној за суверениот статус на некои мали и скалести острови и фактот дека меѓу Турција и Грција нема морски граници, определени од еден меѓународен договор, што ќе е во сила меѓу двете земји, изјавил Чавушоглу.

Според него, меѓународните договори што се однесуваат на статусот на островите во Егејско море, се Лозанскиот договор од 1923 година и Парискиот договор од 1947 година Тој подвлекол дека овие договори соддржеле аналитички детали за суверенитетот и разоружувањето на островите.

- Во оваа смисла проблемот е во толкувањето на клаузулите на овие договори, изјави турскиот министер за надворешни работи и продолжи: „како што е познато прашањата во Егејско Море се разгледуваат во рамки на постојните канали за комуникација меѓу Турција и Грција. Нашата земја сака да се најде справедливо решение на сите проблеми во рамки на меѓународното право и во тој однос да се покажат нејзините основни права и интереси“, додаде првиот турски дипломат.

-Во врска со ова имаме кажано дека Турција нема да прифати „де факто“ ситуации, кои Грција ќе се обиде да ги создаде врз географски позиции со сомнителен статус, и нашите погледи се изложени на секакво можно ниво пред грчките власти, дополни Мевлут Чавушоглу.

Весникот „Контрањуз“ пишува дека новата турска претензија се однесува на 18 грчки острови во северниот и централниот дел на Егејско Море, во регионот на групата острови „Додеканези“ и таквите што се наоѓаат во Критско Море, набројувајќи ги пооделно.