Бизнис
13. December 2017 - 11:13

Чакаровски: Ветување за вториот дел од октомвриската плата, возовите ќе тргнат по исплатата

Машинскиот и извршниот персонал при МЖ Транспорт ад Скопје на средба со вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и ресорниот министер Горан Сугарески доби ветување за исплата на вториот дел од октомвриската плата во текот на денот или најдоцна утре, но додека не бидат префрлени парите нема да прекине блокадата на железничкиот сообраќај.

Тоа го изјави за МИА Душко Чакаровски, машиновозач во МЖ ад Транспорт по средбата со владините претставници и менаџментот на претпријатието на која се барало решение за исплата на вториот дел од платата за октомври поради која веќе два дена целосно се прекинати желеничкиот товарен и патнички сообраќај.

Возовите ќе тргнат кога ќе бидат исплатени парите, рече Чакаровски пренесувајќи го ставот на вработените.

Како што информира, на средбата им било речено дека засега не може да се гарантира дека до 25 декември ќе се исплати во целост платата за ноември, како што побараа вработените, и за тоа се остава простор да се разговара дополнително.

За исходот од средбата претставниците на машинскиот и извршниот персонал најавија изјава за во 12 часот пред МЖ ад Транспорт.