Македонија
10. September 2015 - 12:27

Центарот за култура-Битола го очекува 100.000-от гледач во 3Д киното

Директорот на НУ Центар за култура-Битола, Борче Димитровски денеска на прес-конференција ги најави културните настани кои ќе се одржуваат во Центарот до крајот на годината и соопшти дека го очекуваат 100.000-от гледач во реставрираното кино во таа установа.

Димитровски посочи дека 35-годишнината од почетокот со работа и основањето на  Центарот за култура-Битола  во последниот квартал од оваа година ќе биде одбележана со врвни настани и со гостување на висококвалитетни групи, оркестри и ансамбли од државата и странство.

- Серијалот настани почнува со концертот на светски познатиот бенд „Њујорк Џипси Олстарс“ од САД кои ќе настапат на 29 септември, а во чиј состав настапува и нашиот виртуоз на кларинет Исмаил Лумановски и кои како група првпат ќе настапат во Македонија. Роденденот на нашата национална установа, 10 октомври, ќе биде одбележан со концерт на камерниот оркестар на Битола, а на 22 октомври на нашата сцена ќе гостува националниот ансамбл за народни песни и игри „Танец“, истакна Димитровски.

Центарот за култура-Битола на 5-ти и 6 ноември ќе биде организатор на седмото издание на фестивалот „Музика од светот“, а во рамките на јубилејот ќе биде одбележана двегодишнината од почнувањето со работа на дигиталното 3-Д кино.

- Очекуваме во декември да го регистрираме 100.000-тиот гледач во нашето кино и тоа е одлична бројка за двегодишна работа на киното, но е и составен дел на бројот на посетители на значајни културни настани, нагласи Димитровски на денешната средба со новинарите во Битола.