Македонија
14. February 2017 - 9:20

Центар Жупа ќе ја добие првата спортска сала

Во завршна фаза се работите околу изградбата на спортската сала во Центар Жупа и доколку се оди според планираната динамика надлежните институциите очекуваат набрзо да биде пуштена во употреба.

Салата е во непосредна близина на деветолетката „Мустафа Ќемал Ататурк“ во чиј двор, со забрзана динамика, се одвиваат и работите околу изградбата на комплексот отворени спортски терени.

- Благодарение на подршката од Владата, преку Министерството за образование и наука, првпат нашата општина добива голема спортска сала, што е од големо значење бидејќи сите спортски, културни и други манифестации во иднина ќе се одржуваат тука, изјави Ариан Ибраим, градоначалник на општина Центар Жупа.

Инвестицијата за изградбата на објектот е 330 илјади евра. Салата ќе има 300 седишта, соблекувални, како и сите други потребни простории кои треба да ги има еден ваков објект. 

Комплексот отворени спортски терени за мал фудбал, кошарка, одбојка и ракомет исто така се со капацитет од 300 седишта, зафаќаат површина од  2.500 квадратни метри. Ќе бидат инвестирани над 70 илјади евра, средства исто така, добиени од МОН.