Бизнис
4. August 2015 - 19:56

Цените на недвижностите јавно достапни, за 2 години ќе биде направена проценка на сите недвижности

Расте бројот на транскации во недвижностите. Во катастарот до август годинава евидентирани се над 51 илјада транскации, наспроти 44 илјади во истиот период лани. Се работи за купопродажби и закупи на станови, куќи, деловни објекти, земјишта, како и за трансакции по основ на судски одлуки, наследство и слично.

За направените купопродажби и закупи агенцијата за катастарот на недвижности од март на веб страната и јавно ги објавува цените, квадратурата и кога се случила трансакцијата, со што граѓаните можат да видат кои пазарни вредности ги постигнуваат недвижностите.

Од агенцијата напоменуваат и дека овие информации, како и бројни други податоци професионалните корисници можат да ги користат за анализа на пазарот на недвижности и да ги добијат реалните цени на недвижностите.

Од стартот на услугата во март агенцијата речиси го удвоила бројот на посети на веб страната од 200 на 285 илјади што сведочи за големиот интересот на граѓаните да ги дознаат цените по кои се продаваат недвижностите.  

На основа на овие податоци за околу две години катастарот ќе направи и масовна проценка со што за секоја недвижност во државата ќе биде утврдена пазарната цена.

Инкау, за позначително раздвижување на пазарот говорат и податоците од градежната индустрија за скок на продажбата на станови за 30% во првата половина од годината.